Ињеста најави триумф на Барса и тоа на Сантијаго Бернабеу

Иако има уште две недели до стартот на можеби најважниот натпревар во шпанската Примера дивизион, дуелот помеѓу директните ривали во борбата за шампионската титула, Реал (М) и Барселона, стандардниот првотимец во дресот на каталонскиот гигант, Андрес Ињеста, ја подгреа атмосферата со изјавата дека неговиот тим може да слави и на „Сантијаго Бернабеу“.

„Нормално дека можеме да победиме и во Мадрид. И во минатото Барселона славела на „Сантијаго Бернабеу“. Сепак, прво треба да одиграме уште два натпревара во Примера дивизион. Барселона ќе остане во игра за шампионската титула до последното првенствено коло само доколку забележиме позитивен резултат во Мадрид. Ние имаме големи очекувања кога е во прашање Купот на Шпанија, Лигата на шампиони и Примера дивизион. Сите фудбалери се желни за успех, сакаме да славиме во сите натпреварувања“, изјави репрезентативецот на Шпанија.