Инспекторите на OPCW стигнале на местото на наводниот хемиски напад во Дума

© EPA-EFE/YOUSSEF BADAWI

Инспекторите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) пристигнале во саботата во сирискиот град Дума и веќе посетиле една локација, каде што на 7-ми април наводно бил изведен хемиски напад за кој Западот ја обвинува владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, објави руското министерство за надворешни работи.

„Според информациите со коишто располагаме, специјалната мисија на OPCW пристигнала на 21-ви април во текот на утрото по локално време во Дума, на местото каде што наводно се употребени токсични супстанции“, се наведува во соопштението на руската дипломатија.

Тимот на OPCW, по неколку дневни инсистирања на Русија и владата во Дамаск пристигна во Сирија на 14-ти април. Меѓутоа, поради ракетниот напад од САД, Велика Британија и Франција, изведен следниот ден поради безбедносни причини досега не можеа да ја започнат истрагата.

„Безбедноста на персоналот на OPCW ја гарантира не само сириската страна, туку и командата на рускиот контингент во Сирија…. Очекуваме дека инспекторите на OPCW ќе водат непристрасна истрага за тоа што се случило во Дума и дека ќе предадат објективен извештај“, додава руското министерство за надворешни работи.

„Ова е првата посета на местото на наводниот хемиски напад во историјата на постоењето на сирискиот случај“, се истакнува во соопштението и се наведува дека досега OPCW и Обединетите нации добивале само податоци од истрагите врз основа на информациите на противниците на официјалните сириски власти.

Москва два дена по наводниот напад објави дека нејзините воено-медицински стручњаци кои влегле во Дума не нашле траги од користење токсични материи на теренот, како и ниту симптоми на труење кај пациентите во болницата во овој град во сега веќе поранешната бунтовничка енклава Источна Гута, во близина на сириската престолнина Дамаск.

Во петокот портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, објави дека сириската владина војска којашто влезе во Дума и Источна Гута открилад отровен гас хлор од германски производство, како и гранатни чадни полнења коишто се произведени во јужниот англиски град Солсбери, познат по случајот на труењето од почетокот на март со нервен агенс а поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал за што Велика Британија ја обвинува Русија. Москва и претходно тврдеше дека наводниот напад во Дума е исцениран од западни земји во договор со исламистичкото движење Џаиш ал-Ислам коешто ја контролираше Дума за да се предизвика реакција на западните сили, во прв ред САД. Во петокот, исто така, Русија објави дека постојат сведоци коишто се подготвени да сведочат во седиштето на OPCW во Хаг дека не бил изведен никаков хемиски напад.

За овој наводен напад со отровен гас Западот веднаш ја обвини владата на претседателот Асад. Потоа, Вашингтон, Лондон и Париз без да ги дочекаат првичните резултати од истрагата на OPCW изведоа ракетни напади врз наводните сириски постројки за производство на хемиско оружје. Споменатата агенција на ОН уште кон крајот на 2016 година потврди дека владата на Сирија не поседува повеќе резерви од хемиски агенси и дека се онеспособени нејзините постројки за негово производство. Иако трите земји тврдат дека нападот бил успешен, разузнавањето на Израел и Пентагон соопштија дека сметаат дека нападот не бил малку ефикасен.

Западот досега ја обвинуваше Русија дека им попречува на инспекторите на OPCW да влезат во Дума, но таа возврати дека со ракетниот напад од минатата сабота всушност западните земји го оневозможиле тие веднаш да заминат за овој град, како и дека се уништени трагите за тоа дали, каков и кој го користел евентуално хемискиот отров.