Инсталиран нов апарат за компјутерска томографија во ГОБ „8-ми септември“

– Ова е втор ваков апарат во Градската општа болница „8-ми септември“ со што сериозно ќе се намали времето за чекање и ќе се овозможи повеќе дијагностички процедури. Опремата чини околу 20 милиони денари, компјутерот е инсталиран и се очекува од наредната недела да биде ставен во „Мој термин“ и да се користи од докторите и пациентите, изјави Тодоров.

Посочи дека Градската општа болница „8-ми септември“ бележи раст од 20 проценти на околу 60 илјади амбулантските услуги во 2016 година, споредено со 50 илјади прегледи во истиот период во 2015 година.

– Ова е само дел од новата опрема што ја набавуваме за Градската општа болница „8-ми септември“. Во тек е набавка на комплетно нова опрема во вредност од 113 милиони денари. Се набавуваат вкупно 90 парчиња опрема со што сериозно ќе се зајакнат сите одделенија на болницата и ќе се направи сериозно обновување на опремата со која располагаат, изјави Тодоров.

Тодоров, исто така, нагласи дека со новиот компјутер времето на чекање за компјутерска томографија во Скопје и Градската општа болница „8-ми септември“ треба да се намали под седум дена, што е највисок европски стандард.

– Со ова целиот здравствен систем годинава е на едно многу повисоко ниво, особено во делот на дијагностиката. Ова е 18. апарат за компјутерска томографија во државата. За илустрација, доколку бројот на вакви услуги што сега се прават во текот на една година се правеле пред повеќе години, тогаш времето за чекање за компјутерска томографија ќе беше над десет години. Тоа помага многу на лекарите во дијагностиката, но и за порано откривање на болестите и поуспешно лекување, рече Тодоров.

Директорот на Градската општа болница „8-ми септември“ Сашо Стојчев рече дека со новиот апарат се очекува листите на чекање да бидат смалени, како и листите на лежечки пациенти кои досега морале да чекаат два до три дена.

– Важно е дека имаме голем напредок во болничкиот сегмент и над пет илјади хоспитализации од почетокот на годината. Со опремата очекуваме да се намали и времето на лежење, бидејќи ќе се забрзаат и контролните компјутери што се прават најчесто пред отпуштање на пациентите, рече Стојчев.