Институт за микробиологија: Сите бактериски соеви се идентични – припаѓаат на листерија

Во текот на изминатите 12 недели, од крајот на мај досега, на Институтот за микробиологија и паразитологија изолирани се 10 бактериски соеви на листерија од девет пациенти кои беа хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и Детската клиника, од крв (хемокултура) и церебро-спинална течност (ликвор).
Listerija

Изолацијата и идентификацијата на бактериите е направена со референтни лабораториски методи со кои континуирано работи Институтот. Сите бактериски соеви се испратени на натамошна молекуларна типизација на Ветеринарниот факултет при УКИМ Скопје.

Ова го соопшти Институтот за микробиологија и паразитологија, кој посочува дека сите бактериски соеви, според официјалните информации од Ветеринарниот факултет, се идентични и му припаѓаат на еден ист клон на бактеријата листерија моноцитогенес.

Во истиот период, од Центарот за јавно здравје-Велес до Институтот за микробиологија и паразитологија, како што се наведува, се испратени десет бактериски култури израснати на хранителни подлоги, за идентификација. Од нив два соја беа идентифицирани како листерија и тие се исто така испратени за натамошна типизација на Ветеринарниот факултет.

Според извршените испитувања на соевите на листерија изолирани од заболени пациенти на Институтот за микробиологија и паразитологија и типизирани на Ветеринарниот факултет може да се заклучи дека се работи за идентичен високо вирулентен клон на бактеријата листерија моноцитогенес, се вели во соопштението.

Институтот за микробиологија и паразитологија е најголемата микробиолошка лабораторија во Македонија, која работи пред се клиничка микробиологија, а тоа подразбира микробиолошка дијагноза на хумани инфекции. Главни корисници на здравствените услуги се универзитетските клиники од Скопје, за речиси 80 отсто од сите хоспитализирани пациенти, потоа амбулантски лекувани пациенти преку специјалистички, субспецијалистички ординации на клиниките и матичните доктори. На Институтот работат 13 доктори специјалисти по медицинска микробиологија, од кои девет доктори на медицински науки, двајца магистри на медицински науки кои ги изработуваат докторските трудови во финална фаза и двајца студенти на трет циклус докторски студии. Здравствената дејност ја извршуваат и 16 лабораториски техничари.

Микробиолозите од Институтот за микробиологија и паразитологија се во континуирана надградба на своите стручни знаења преку меѓународни студиски престои, курсеви и семинари и се комплетно компетентни за извршување на високостручна микробиолошка дејност и за едукација на специјалисти и специјализанти по микробиологија, како и студенти на додипломски студии. Нивото на високостручна работа е потврдено со редовни внатрешни и надворешни контроли преку меѓународни релевантни мрежи за стандардизација на лабораториски методи и секогаш се оценувани со врвни оценки. За квалитетна микробиолошка дејност значително придонесува и опременоста на Институтот со современа и квалитетна опрема, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.