Институтот за јавно здравје потрошил 444 илјади денари по ресторани и кафулиња

Државниот завод за ревизија утврди дека вработени во Јавната здравствена установа Институт за јавно здравје од Скопје во 2016 година добивале повисоки плати со пресметка на повисок коефициент од законски утврдениот.

Од 25 досиеја на вработени, кај три било констатирано дека има исплати на повисоки плати, кај едно лице дека има понизок степен на образование, а зема плата по повисок коефициент. Во извештајот на ревизорите пишува дека седум лица добивале надоместок за раководење, иако тоа законски не било дозволено, се вели во извештајот.

Според информацијата две лица што биле назначени за началници го немале потребното работно искуство предвидено со актот на систематизација. Институтот исплаќал прекувремена работа, но во 19 случаи за тоа немало одобрение, а таму каде што имало исплати, не бил приложен извадок од електронскиот систем за евиденција на работното време. Притоа не се вршела анализа на оправданоста за отсуството од работа, која е поврзана со исплатата на плати.

Ревизијата констатира дека биле вршени корекции на дневниот промет на фискалните каси, без притоа да се наведат причините. Наплатените готови средства од извршени здравствени услуги референтот ги уплаќал со задоцнување од 2-3 месеца. Институтот ангажирал и надворешно лице консултант, но во договорот не биле прецизно наведени работните активности, велат од  ДЗР.

Државниот завод за ревизија објави сомнителна употреба на службени автомобили за лични цели, точење гориво на сметка на Институтот, немање јасно дефинирани правила кој колку може да потроши од неговиот буџет. Тоа се само некои од утврдените неправилности. Ревизорите утврдиле дека Институтот нема јасен правилник кој и за какви потреби може да ги користи службените возила, а евидентирале и дека биле потрошени 444 илјади денари по ресторани и кафулиња без никакво објаснување дали тие пари биле користеле законски и за службени потреби на вработени во Институтот.

Од поднесоците на фактури извршено е полнење на различни нафтени продукти (дизел и бензин) за исто возило со исти регистарски таблички, што доведува до заклучок дека настанале трошоци за гориво кои не се сопственост на Институтот за јавно здравје, се вели во извештајот.

Освен тоа, ревизорите забележале и дека парите кои пациенти ги плаќале за медицински услуги, одговорниот референт во Институтот ги уплаќал со големо задоцнување од по два или три месеци. Парите пак, што ги плаќале приватни пациенти ги уплаќал само два до три пати годишно. Ревизијата исто така утврдила дека дел од документацијата во касата била лошо водена, некаде без датуми, а некои броеви биле избришани или поправани.

Финансиските извештаи за овој период се одговорност на директорот Шабан Мемети. Тој на седница со Управниот одбор ги разгледал забелешките на ревизорите, па испратиле известување, но Државната ревизија прифатила само по 1 забелешка, а другите ги отфрлила.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.