Интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Бугарија

Во Софија денеска е потпишан Меморандум за соработка меѓу Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарско-трговската промишлена палата.

– Бизнис-делегациите од Бугарија и Македонија денеска во Софија и официјално ја најавија иницијативата за организирање на бизнис – експо форум во Софија, под покровителство на премиерите од двете држави, соопшти Македонско-бугарската стопанска комора.

Претседателите на Македонско-бугарската комора и Бугарско-трговската промишлена палата, Зоре Темелковски и Цветан Симеонов, ги поддржале планираните инфраструктурни проекти и инвестиции и посочиле дека е потребно да се формираат и царински терминали што би ја ја олесниле брзината на трговската размена на компаниите од двете држави. Констатирано било дека е потребно да се работи на економската соработка со цел трговската размена меѓу двете земји да достигне до една милјарда евра,

Претседателот на БТПП Симеонов, како регионален координатор на Балканските бизнис-асоцијации позитивно го оценил организирањето на мултимедијалниот проект „Калдрмите се живот“, во текот на идната година. Тоа би била економско-туристичка и културна недела на поврзување на старите чаршии. МБСК и МТВ се иницијатори на овој проект, што се планира во соодејство со јавните телевизиски сервиси на Бугарија, Турција, Албанија и Македонија.

Менаџерите и сопствениците од македонските компании Алкалоид, Адинг, Ариљеметал, Заралогистик, Свислион и Апра Портер Новелли имаа непосредни деловни контакти со свои партнери од Бугарија.

Во рамките на дводневниот регионален Бизнис-форум во Софија, на кој учествуваа околу 400 компании од регионот, македонските компании остварија кратка средба со македонскиот амбасадор Благоја Ханџиски и со Радош Вукичевиќ, економски промотор на РМ во Бугарија.