Македонија

Интензивна санација на мостовите оштетени во поплавите

Интензивна санација на мостовите оштетени во поплавите

Во тек е санација на мостовите оштетни од поплавите, моментално се реконструираат шест мостови во државата, објави Курир.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски денес направија увид во градежните работи на мостот на реката Пчиња во селото Долно Коњаре.

Јанакиески посочи дека ова е само еден од четири мостови кои интензивно се санираат, а за два моста кои претрпеа поголеми штети од поплавите во тек е изготовка на проект за нивна санација.

-Ова е значаен мост за жителите на ’Ржаничино и Коњаре бидејќи ги поврзува овие две населени места. Санацијата се очекува да биде готова до април годинава, а за оваа намена се издвоени 3,5 милини денари, истакна Јанакиески.

Како што нагласи Мисајловски, мостот долг 136,60 метри, а широк четири метри, има 22 отвора, со меѓусебно растојание на столбни места од 5,6 метри.  Критични и неопходни за санација се две столбни места на средината.

– Санацијата  е неопходна зашто е изграден во 1983 година. Дното на речното корито е веќе спуштено, водата со текот на времето го поткопала поради што е зголемена висината на столбовите, а тоа негативно влијае на стабилноста на мостот. Врз стабилноста влијае и нерегулираното корито на реката, како и нередовното чистење од наноси на гранки, трупци и друг отпад, изјави Мисајловски.

Тој информира дека минатата година почна изградбата на два нови моста, кај Злеово во општина Радовиш и на реката Злетовска кај село Пишица, општина Чешиново – Облешево. Кон крајот на 2014-та стартуваше и санацијата на мостот на Вардар на делницата Желино-Сиричино.

– Санацијата на овие четири моста ќе заврши во првата половина на годината, а за нив ќе бидат одвоени вкупно 61 милиони денари, подвлече директорот.

Според него, оваа година приоритет ќе биде санацијата на мостот на река Брегалница на делницата Кочани – Зрновци кој беше оштетен од неодамнешните поплави и за кој во моментов се подготвува техничко решение за градежно-санациони работи на мостот.

-Се работи на проектната документација и за санација на мостот на реката Брегалница и наскоро екипата ќе излезе на терен за да направи пресметка до кога санацијата на овој мост ќе биде готова, нагласи тој.

Планирани се и градежно-санациски работи на мост на делницата Гостивар – превој „Стража“, на мост на реката Треска на делницата Македонски Брод – Самоков и зградба на армирано – бетонски мост на делница Тркање – Пишица, кај село Соколарци.

Како што беше најавено од страна на министерот Јанакиески, од понеделник ќе започне изградба на локални патишта во 38 општини во државата за чија цел се издвоени 7,2 милиони евра.

Според предвиденото овие локални патишта треба да бидат готови до крајот на годината.

фото:МИА