Интензивно инвестирање во инфраструктурата во Општина Илинден

На повеќе локации во Општина Илинден деновиве се градат нови улици во вкупна должина од 4.700 метри, со што продолжува интензивното инвестирање во патната инфраструктура во Општината.

Во населбата Јака во тек е изградба на новите улици „19“ и „20“ во вкупна должина од 1.800 метри. Во стопански комплекс Илинден се градат новопроектираните улици „2“ и „7“ со вкупна должина од 1.000 метри, а во локалната економска зона Марино-Кадино улиците „2“, „3“, „6“, и „7“  со вкупна должина од 1.900 метри.

Подобрувањето на патната инфраструктура, односно изградбата, реконструкцијата, санацијата и рехабилитацијата на локалните улици и патишта, како и подобрувањето на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони останува еден од приоритетите на Општина Илинден.

Izgradba na novi ulici vo opstina Ilinden-2

Инвестициите во патната инфраструктура годинава почнаа со санација на општинските улици и патишта и комплетна реконструкција на главната влезна улица во Општината, во должина од 660 и широчина од 7 метри. Деновиве, претстои асфалтирање на новиот мост на улица „6“,  изграден на местото на стариот и дотраен руиниран мост кој што го попречуваше нормалниот проток на атмосферски води од постоечкиот канал и беше пречка за нормалното одвивање на сообраќајот. Истовремено ќе бидат асфалтирани и пристапите кон мостот, како и патот што води кон црквата „Свети Илија“, во должина од 240 метри.

Интензивните инвестиции во квалитетна патна инфраструктура во Општина Илинден, придонесуваат за одржлив локален економски развој, обезбедување на поволни услови за влез на домашни и странски инвестиции, подобрување на условите за живот и животниот стандард, конкурентност и овозможување на квалитетен живот на сите учесници во локалната заедница.