Интензивно напредуваат градежните работи на Албанскиот и на Турскиот театар

До крајот на годината се очекува да заврши темелната реконструкција на Албанскиот театар. 50 отсто од градежните активности се завршени, останува само уште внатрешното уредување. Станува збор за прв голем зафат за целосна реконструкција на театарот, по повеќе од 40 години од постоењето на објектот, за што од Буџетот на Министерството за култура се издвоени околу 8 милиони евра.

Увид во градежните работи денеска извршија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

-Во Албанскиот театар е направена темелна реконструкција исто како за нов театар. Се инвестираат околу 8 милиони евра и работите ќе завршат до крајот на оваа година. Веќе околу година и пол се работи. Оваа реконструкција беше потребна, објектот беше дотраен. Уште кога бев претседател на Владата ја започнавме реконструкцијата и веќе се привршува. Драго ми е што нашите сограѓани Албанци ќе добијат театар целосно реконструиран, модерен со сите услови кои се потребни, рече денеска Груевски при посетата.

Директорот на Албанскиот театар Адем Карага истакна дека е задоволен од динамиката со која се одвива реконструкцијата и најави оти актерите конечно ќе имаат услови какви што заслужуваат.

Албанскиот театар бил  изграден во 1970. година и оттогаш не му била направена никаква обнова, за 40 години подоцна темелно да се реконструира.

Објектот е со површина од 4.300 метри квадратни  и ќе  поседува две театарски сали, опремена со високи сценски технологии и современа аудиовизуелна опрема.

Големата сала ќе биде со капацитет од 260 седишта, а малата сала со капацитет од 102 седиште, но објектот ќе поседува и повеќенаменска сала со капацитет од 50 седишта која ќе биде за проби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.