„Интер“ по шест години победи во Лигата на шампиони

Милански „Интер“ ја постигна својата прва победа во Лигата на шампиони по шест години откако денеска на „Џузепе Меаца“ славеше над „Тотенхем“ со 2:1 во натпревар од првото коло од групата „Б“. Англичаните имаа водство до 86 минута, но „Нееаѕурите“ за шест минути направија целосен пресврт. Ова е прв настап на Италијанците во елитното европско клупско натпреварување по 2011 година.

„Тотенхем“ одлично го отвори мечот и имапе три прилики за гол, но голманот на домаќините, Самир Хандановиќ остана несовладан. Данецот Ериксен во 13 минута биеше од слободен удар, но Словенецот на голот на „Интер“ беше добро поставен. Најзрелата можност ја имаше Кејн во 37 минута, но лошо реагираше иако веќе го помина Хандановиќ. Во 42 минута од слободен удар се закани и Дејвис, но резултатот остана непроменет.

Доминацијата од првото полувреме „Тотенхем“ ја потврди во 54 минута преку Ериксен. Данецот биеше силно, а топката го погоди Миранда и го измами хандановиќ, кој остана на другата страна. „Интер“ изедначи во 86 минута со одличен гол на дотогаш невидливиот Мауро Икарди. Асамоа уфрли од левото крило, а Аргентинецот со фантастиен волеј од работ на шеснаесетникот погоди за 1:1.

Кога веќе се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, Весино по корнерот погоди за водство и победа на „Интер“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.