Интер понуди 10 милиони евра за Пато

Според бразилските медиуми италијанскиот тим Интер понудил 10 милиони евра на Коринтијанс за откуп на услугите на Алехандре Пато.

Пато кој од 2007-ма до 2013-та го носеше дресот на градскиот ривал на Интер, тимот на Милан во кој се прослави, во моментов настапува за Сао Пауло, но како позајмен од Коринтијанс. Интер е во потрага по засилувања на крилните напаѓачки позиции, а според бразилските медиуми една од желбите на Валтер Мацари е токму Пато.

Бразилскиот „Журнал до Бразил“ пишува дека „Нероаѕурите“ веќе го направиле првиот чекор и испратиле официјална понуда до Коринтијанс во висина од 10 милиони евра.

Бразилскиот тим е заинтересиран за оваа зделка, но според пишувањата на бразилскиот весник Пато се двоуми бидејќи смета дека се уште му е рано да се врати во Серие А.

Инаку, според италијанските медиуми се очекува утре Интер да потврди дека ги договорил трансферите на Пабло Освалдо и Гери Медел, а Мацари воедно е заинтересиран за „крилото“ на Парма, Биабиани кој во минатото го носеше дресот на тимот од Милано.