Интернационален фестивал на монодрама во Битола

Интернационален Фестивал на монодрама, седумнаесетти по ред ќе се одржува од утре до 28. април.

Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Битола.

На фестивалот, учество ќе земат четиринаесет претстави, од кои единаесет во официјална конкуренција и три вон конкуренција. Претставите доаѓаат од девет држави меѓу кои Романија, Израел, Русија, Србија, Хрватска, Бугарија, Украина, Турција, Велика Британија. На фестивалот учество ќе земат и три македонски претстави од кои една фестивалска премиера. Станува збор за претставата „Делириум Тременс“ на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп во изведба на Игор Трпчески.

-Ова е единствениот фестивал во нашата држава кој ја промовира монодрамата како форма и еден од најстарите на Балканот. Досега на фестивалот се претставиле над 50 држави од целиот свет со навистина квалитетни остварувања кои го надминуваат бројот од 200 претстави“ вели Борче Димитровски, директор на Центар за култура Битола.

Учесниците ќе се борат за престижната награда Гран При  која ќе ја додели меѓународно жири на чело со претседателот Јуриј Назаров од Русија.

-Ме радува тоа што квалитетот на фестивалот оди во нагорна линија и што фестивалот има различен жанровски репертоар. Во селекцијата квалитетот е примарен како и учеството на претстави од различни земји од светот. Во ова издание на фестивалот како режисер на претстава  ја имаме Лили Абаџиева од Бугарија, режисер со европско, па и светско реноме, изјави селекторот Петар Мирчевски.

Фестивалот ќе го отвори претставата „Животот на Молиер“ во режија на Александар Поповски а во изведба на МНТ Скопје.

Фестивалот на монодрама Битола е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.