Интернет трговијата со се поголем замав во Македонија

Пазарењето на интернет за дел од македонските граѓани станува секојдневие. Податоците на Народната банка покажуваат рапиден скок на онлајн потрошувачката во земјава. Познавачите на интернет пазарот велат дека покрај промената на навиките на потрошувачите, овој скок се случува благодарение и на можноста македонските потрошувачи да ги користат услугите на глобалниот систем за онлајн плаќање, Пеј- пал, пишува Лидер.

Податоците за платежни картички и плаќање преку нив, на Народната банка на Република Македонија, покажуваат дека минатата година Македонците онлајн потрошиле 11,4 милиони евра. Од друга страна, за првите четири месеци од оваа година, од јануари до април, потрошени се 7,4 милиони евра, што е повеќе од половина од целиот износ во 2014-та. Овие бројки потврдуваат дека интернет трговијата во земјава зема сѐ поголем замав.

Само во септември лани постигнат е рекорд- онлајн потрошени се 1,8 милиони евра.  Рекорден месец на онлајн потрошувачка лани е и февруари, кога преку онлајн потрошени се над 1,3 милиони евра. Од друга страна во февруари оваа година, растот на онлајн потрошувачката е двојно поголем и изнесува околу 2,3 милиони евра

Ако се анализираат податоците на НБРМ, може да се заклучи дека онлајн потрошувачите во земјава, во просек месечно трошат околу милион евра. А, ако се земе предвид дека вкупно во 2013-та година, онлајн биле потрошени само 2,5 милиони евра, евидентно е дека онлајн трговијата во земјава урива рекорди.

Евидентно е дека навиките на Македонците за пазарење се менуваат, а интернетот како најдостапна алатка, особено за помладите, полека но сигурно станува прв избор за шопинг. Понудата на она што може да се купи онлајн, исто така расте. Според податоците, на онлајн пазарот во Македонија денеска можат да се најдат повеќе од 300 онлајн продавници, кои нудат секакви производи и услуги. Но, дополнителен фактор за развој на е- трговијата кај нас е и влезот на Пеј-пал, глобално употребуваниот систем за онлајн плаќање, кој пак, освен што овозможува пристап на македонскиот потрошувач до сите големи светски онлајн трговци, им дава на потрошувачите и поголема сигурност во трансакциите.

Според познавачите на пазарот, порастот на интернет трговијата во земјава исто така се должи и на подготвеноста на банкарскиот сектор да го понудат сервисот за онлајн трговија, значителната интернет пенетрација од над 68% на населението, големиот број на корисници на мобилна телефонија, како и промената на навиките на населението и компаниите за употреба на технолошките решенија.

Што најчесто се купува онлајн?

Иако над 68% од населението во земјава ги користи благодетите на интернет технологијата, според податоците на Државниот завод за статистика, во последниве три месеци само 10% од корисниците купиле нешто онлајн, додека воопшто корисници на интернет трговијата во земјава се околу 18% од корисниците на интернетот, додека над 12% од корисниците употребуваат интернет банкарски услуги.

Во последните 12 месеци, македонските онлајн потрошувачи најчесто купувале облека и спортска опрема, електронска опрема, книги, списанија, хотелски аранжмани, производи за домаќинство, прехранбени производи итн. Податоците велат дека околу 50 проценти од продажбата на интернет ја прават онлајн трговците кои нудат групни попусти.

Интересно е тоа што повеќе се пазари од странските онлајн продавници, отколку од домашните. Податоците велат дека околу 35% од потрошувачите ги користеле услугите на онлајн трговците од земјава, додека останатите купувале од интернет трговците од ЕУ и од останатите земји од светот. Ова претставува директна последица на влезот на Пеј-пал во земјава и можноста полесно да се купува од странските трговци, бидејќи претходните податоци на Статистика покажуваа дека 65% од македонските онлајн потрошувачи пазарат од продавниците на домашните онлајн трговци.

Ќе се регулира е- трговијата

Со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите ќе се регулира интернет трговијата. Ќе се знае какви гаранции или сертификати треба да има производот што се купува на интернет, за колку дена може да се врати, дали располага со потребните увозни декларации и која е неговата финална цена.

„Во Македонија он-лајн трговијата станува се попопуларна. Досега како проблематика не беше третирана, не беа дефинирани условите за заштита на потрошувачите од ваков вид купопродажба. Сега, со најновите законски измени, точно ќе се знае какви гаранции или сертификати треба да има производот што се купува на интернет, за колку дена може да се врати, дали располага со потребните увозни декларации кои би го направиле безбеден за користење, дали е здрав,… Потрошувачите ќе бидат заштитени, односно ќе им се овозможи да го купат тоа за што даваат пари“, вели заменик-министерот за економија Христијан Делев.

Финалната цена на производите кои се купуваат он-лајн ќе биде цената утврдена на денот на нарачката, во моментот на притиснувањето на копчето „купувам“ и нема да смее да се менува. Во периодот од купувањето до испораката на производот, независно колку долго тоа ќе трае, се забранува каква било промена на цената што досега не беше случај и често се злоупотребуваше од некои е- трговци.