Интернетот може да колабира до 2023. година

Интернетот може да се соочи со пад на капацитетот за осум години, велат британските научници. Според нив, каблите и оптичките кабли кои ги пренесуваат информациите ќе го достигнат својот лимит во 2023, пишува Раша тудеј.

Оптичките кабли се транспарентни низи од кабли тенки како човечко влакно: информациите се трансформираат во светлина и се праќаат преку кабелот, а потоа повторно се трансформираат во информации.

– Во моментов сме до точката каде во истражувањата неможеме да постигнеме зголемен пренос на податоци преку оптичкиот кабел. За осум години тоа ќе биде тоа, нема да можеме да пренесеме повеќе информации, вели професорот на Универзитетот Астон во Бирмингем, Ендрју Елис.

Тој нагласува дека побарувачката се повеќе се зголемува и дека станува се потешко да се усогласат можностите за пренос на информации со потребите.

– Доколку не дојдеме до некои радикални идеи, најверојатно цените драматично ќе се зголемуваат, вели тој.

Интернет компаниите би можеле да додадат дополнителни кабли, но трошоците за тоа најверојатно ќе паднат на товар на корисниците.

Според научниците би можело да се случи интернетот постојано да се исклучува и да се уклучува, или да плаќаме многу повеќе.

Покрај ова, исто така посебен проблем е и струјата која е потребна за да се задоволат енормно зголемените побарувања.

Според професорот Елис, околу 16 отсто од потрошувачката на струја во Обединетото Кралство отпаѓа на интернетот, а количините двојно се зголемуваат на секои 4 години. На глобално ниво, на интернет се трошат околу 2 отсто од вкупната произведена електрична енергија.

Во изминатата деценија инженерите успејаа да ја зголемат брзината на интернетот за околу 50 пати. Исто така, голем број универзитетски професори сметаат дека во следниот период ќе биде изнајдено решение.