Интервјуто на Груевски за Си- Ен- Ен го растревожи јужниот сосед – реагираше грчкото МНР

Интервјуто на македонскиот премиер Никола Груевски за Си- Ен- Ен ја вознемири официјална Атина. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, неколку денови по интервјуто во кое што Груевски зборуваше за проблемот што Атина го има со нашето уставно име, со реакција до Си- Ен- Ен се огласи грчкото Министерство за надворешни работи.

И додека во интервјуто македонскиот премиер говореше за фактите, за одбивањето на поканите за средба со Самарас, за пресудата од Хаг и за Времената спогодба, реакцијата на новиот портпарол на грчкото МНР се сведува на старата излитената грчка реторика.

„Цела генерација во Македонија е затруена со горчеливи чувства кон Грција, кој што е брендирана како виновник за целото зло со кое што се соочува нивната земја. Ако Скопје покaжеше еднаков степен на посветеност, прашањето со името ќе беше средено”, се вели во реакцијата на портпаролот на грчкото МНР Константинос Кутрас.

Покрај реакцијата на Кутрас, изјава за Си- Ен- Ен на оваа тема дал и Курт Волкер, поранешен американски постојан претставник во НАТО, кој што вели дека Македонците дотуркале далеку и тој сметал дека „тие се подготвени да направат договор за модифицирано име на земјата со цел тоа да биде признаено во меѓународните организации”.

„Но ова нема да оди толку далеку колку што Грците инсистираат. Тие сакат да сменат се, вклучително и Македонците да го сменат својот устав. Тоа е само пуста желба, тоа никогаш нема да се случи”, вели Волкер.

Петар Стано, портпаролот на еврокомесарот Филе, за Си- Ен- Ен вели дека Брисел пет години по ред препорачува да се отворат пристапните преговори со Македонија.

Си-Ен- Ен го завршува текстот со констатацијата дека „со ниската инфлација и очекуван раст од 2, 8 отсто оваа година, Македонија може да претставува значајна можност за инвеститорите што сакаат да се сместат во југоисточна Европа”.

По серијата интервјуа на македонскиот премиер дадени за највлијателните светски медиуми и интензивната дипломатска активност, грчките медиуми го критикуваа грчкото МНР и министерот Венизелос дека немаат соодветен одговор на меѓународанта кампања за името на македонската Влада.

И додека премиерот Груевски инсистира на почитување на пресудата од Хаг, а поддршката за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без решение за името расте, единствено што на Грците овој период им оди во прилог се позицииите и изјавите на македонската опозиција предводена од СДСМ.

Во ист ден во Брисел, на средба со еврокомесарот Филе, додека шефот на австриската дипломатија повикуваше името да не биде пречка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, раководството на СДСМ, Заев и Шеќеринска, наместо да инсистираат на почитување на пресудата од Хаг и петте препораки за старт на преговорите, на Филе му нудеа решенија за името.