четврток, 29 јуни 2017  |  Вести денес: 43

Инвентивни проекти на македонски автори на „Скопје креатива 2017“

Проектот „Интерактивна пикселација: Јас и ти“ на Владимир Димоски, кинематограф и еден од најталентираните млади сниматели во Македонија со интернационална кариера, е процес на создавање на кусометражен филм со техника пикселација

Foto pikselacija

Поврзани вести

Инвентивни проекти на македонски автори и дизјанери ќе бидат дел од содржините на претстојниот фестивал на креативни индустри „Скопје Креатива 2017“, кој ќе се одржо од 4 до 6 мај во Младинскиот културен центар (МКЦ), во организација на Конгресен центар „Александар Македонски“ и Град Скопје.

Проектот „Интерактивна пикселација: Јас и ти“ на Владимир Димоски, кинематограф и еден од најталентираните млади сниматели во Македонија, веќе со интернационална кариера, е процес на создавање на кусометражен филм со техника пикселација, по однапред напишано сценарио, но со значаен степен на импровизација од страна на актерите.

Кога станува збор за актерите, во делото на Владимир Димоски, покрај професионални актери, ќе биде вклучена и публиката како актер, и активен креатор на филмот. Соработници на проектот се: Загорка Поп-Антоска Андовска, сценарист, Ана Алексовска, режисер, Бобан Алексовски, актер и Александар Андовски, сценограф.

Foto pikselacija

Пикселацијата како подвид на стоп–анимацијата е процес при кој се создаваат анимирани филмови со живи тела. Тој е атрактивен затоа што дава чувство на изреализирана магија, односно реалност каде секое движење, појавување и исчезнување е возможно. Стекнувањето со вештини да се изреализира ваков продукт е процес на развивање на подлабоко разбирање на дигиталната аудио- визуелна технологија, каде еден фрејм е содржан од 24 слики.

Покрај тоа, учесникот е поттикнат да размислува надвор од рамките на реалноста станувајќи свесен дека може да ги промени околностите со само едно плескање со дланките. Во денешница каде на индивидуата ѝ е сé потешко да ги разбере нештата кои го движат општеството, едно создавање на реалност каде самиот уметник/учесник има магиска моќ да ги поставува правилата на ваков начин е поттик и провокација за творење, вели авторот на проектот.

Владимир Димоски е дипломиран филмски снимател. Своето филмско образование го завршува на магистерските студии на ФАМУ во Чешка. Стекнува интернационално искуство, работејќи како директор на фотографија и асистент на камера за професионални и студентски продукции базирани во Европа, Канада и Азија. Авторски се има потпишано на триесет кратки играни и документарни филмови и еден долгометражен игран филм.

Пикселацијата е техника која е извонредно интересна за авторско изразување. Таа подразбира промислено фотографирање на индивидуи, личности, со цел краен продукт пикселиран филм, со авторски став, и креативна содржина. Во овој случај, пикселацијата како техника ќе се искористи за авторски филм на Владимир Димоски, во чија замисла учесници и ко-креатори на уметничкото дело ќе биде публиката.

„Црната аурора“ е насловот на проектот со кој авторот Владимир Благојевиќ учествува на годинашното шесто издание на фестивалот.

Crnata aurora cover

На „Скопје креатива со гордост го претставуваме пилот изданието од стрип серијалот „Црната аурора“. Нашата приказна започнува во моментот кога над Скопје се појавува темен облак од ѕвездена прашина. Никој нема објаснение за овој феномен („Црна дупка? НЛО? Порта кон пеколот?“), освен Ален Корбин, кој се плаши дека Црната аурора е само почеток на нешто многу поголемо – вели Благојевиќ за проектот, на кој соработник му е Ивица Дукоски, автор на текстот на стрипот.

Неговите цртежи се карактеризираат со прецизен детаљ и контури што речиси психоделично се надоврзуваат и се прелеваат градејќи ја крупната слика со ефектно доловена перспектива и длабочина. Неговата опсесија со научната фантастика, како штпо вели, ја носи уште од раната љубов кон филмовите, посебно научно-фантастичните и хоророт.

 

„Во нив секогаш имало изненадување и несекојдневности. Роботиката постепено почнува да зема замав во секој сегмент на модерното општество, во кое би напоменал дека Македонија не спаѓа. Дел од таа современа реалност се новите електронски протези – поврзувања на човекот со машината како помошно средство за нормална функција на организмот. Сакале или не – тоа е иднината на роботи и компјутери“, вели Благојевиќ.

Vladimir Blagojevikj

Владимир Благојевиќ (1979, Скопје) е дипломиран етнолог, а од 2002 година работи во Музеј на Македонија. Од 2002 изработува накит и фигури од глина и патем почнува да се навраќа на љубовта од детството – цртањето и сликањето. Од 2010 година па наваму, почнува посериозно да се занимава со цртање, сликање и изработка на накит (од фимо глина, полудраги камења, акрил, жица и картон). Цртежите стануваат посериозни од 2012 година, а омилена техника на изработка му е рапитограф на хамер. Досега имал три изложби: Во Ракија бар „Калдрма“ (2013) ; Изложба на цртежи и накит со Андријана Андреевна „Со тебе во мене“ (2014); и „Премин“ во Концепт37 (2014); Твори под псевдонимот Владодлак.

„Тактилис“ е насловот на проектот на модните дизјанерки Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а соработник на проектот е Тони Пајдаков од Здружението на слепи лица од општина Велес.

„Тактилис е проект што се бави со дизајн на облека за лица со попречен вид. Основна цел е да се изнајдат дизајн решенија преку кои на лицата со попречен вид ќе им се помогне и ќе им се овозможи независно искуство при селекција, комбинирање и купување на облеката. Еднакво значајна цел е изнаоѓање на начин преку кој на лицата со попречен вид ќе им се доближи естетската тежина на производот“, појаснуваат авторките на проектот.

Модните производи ќе бидат презентирани на метални штендери. Висината на производите е предвидена да биде во природен дофат на корисниците. Предвидени се дупли штендери, кои би го олеснале движењето и би ја сугерирале насоката долж изложените производи.

Maja Gjureska

Модната дизајнерка Маја Ѓуреска и досега работела на проекти за лица со попреченост. Во пресрет на Светскиот ден на лица со Даунов синдром, таа учествуваше во креативна работилница што во центарот на вниманието го става токму инклузивниот дизајн. Во организација на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, каде што таа предава, се одржа работилница што на креативен начин покажа колку соработката со заедницата е важна за процесот на инклузија.

Најчитани вести