Македонија,Економија

Инвестиции од 50 милиони евра во Железницата, првиот вагон пристигнува следното лето

Инвестиции од 50 милиони евра во Железницата, првиот вагон пристигнува следното лето

Нови вагони и локомотиви, обновување на инфраструктурата, рехабилитација на старите возови се планираат во наредните години во Македонски железници. Вкупната инвестиција изнесува 50 милиони евра. Македонската влада и кинеската компанија  CSR потпишаа договор со кој до летото следната година треба да пристигне првиот вагон. Во првиот циклус на инвестиции кој изнесува 25 милиони евра, ќе се набават 4 дизел и 2 електро моторни  гарнитури.

„Владата планира голем инвестициски циклус во Македонската железница со изградбата на пругата кон Бугарија, реконструкцијата на железницата во Скопје како и набавката на нови вагони. Во следните четири години планирани се инвестиции од 250 милиони евра за трансформација и реорганизација на македонскиот железнички сообраќај,“ изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.

Според него железницата е најекономичниот транспорт, но досега не беше целосно искористена поради недостаток на инвестиции во инфраструктурата и вагони и локомотиви.

„Затоа стратегијата на Владата е инвестиции во инфраструктурата и во нови вагони. За набавка на нови патнички вагони предвидени се 25 милиони евра, за товарни вагони 15 милиони евра и 10 милиони евра се за рехабилитација на веќе постоечки возови,“ потенцираше Ставрески.

Првиот вагон треба да пристигне следното лето, а целосниот договор со кинеската компанија CSR треба да се реализира до крајот на следната година.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека со овa, Владата реализира уште еден ветен проект. Тој додаде дека овие 25 милиони евра за подигнување на услугите во патничкиот железнички сообраќај се обезбедени во соработка со Европската банка за обнова и развој.

„Започнуваме со креирање на нова слика за железничкиот транспорт во Македонија. Ќе направиме модернизација на железничката инфраструктура со квалитетен, ефикасен и ефективен превоз со модерни возови.Ова е долг и очекуван процес, бидејќи последниот воз бил набавен пред 35 години,“ истакна министерот Јанакиески.

Новите вагони ќе бидат со капацитет од 1200 патници, ќе бидат климатизирани, енергетски ефикасни, безбедни и направени според последните стандарди.

Кинеската CSR e една од водечките компании во Кина во оваа област, продава услуги во преку 80 земји и региони во светот. Лани оставрила приход од 16 милијарди американски долари, а има склучено договори со клиенти во вредност од две милијарди долари.

Должината на железничката инфраструктура во Кина изнесува 100 илјади километри од кои 11 илјади киломтери се од прв ранг за супер-брзи возови.