Инвестиции од 9 милиони евра за наводнување на земјоделските површини

Во текот на годинава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство планира да инвестира околу 9 милиони евра во капитални објекти во областа на водоснабдувањето и системите за наводнување и одводнување, ќе продолжи да работи на чистење на каналите за наводнување, планира законски измени кои ќе овозможат подобро управување со системите, а има изготвено и 10-годишен проект за изградба на нови и санација на постојните системи за што има издвоено околу 200 милиони евра.

Сите активности, како што појасни денеска на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостоспанство Михаил Цветков, треба да овозможат зголемување на квалитетот на земјоделските проезводи, но и да овозможат да се обезбеди наводнување и во услови на сушни периоди, какви се најавуваат во наредните години.

„Владата и МЗШВ во изминатиот период има инвестирано многу во сферата на земјоделството, има дадено многу субвенции, а планирани се и 600 милиони евра во наредните четири години. Но, за квалитетно производство, покрај субвенции, потребни се и сонце и вода“, рече тој.

Од планираните 9 милиони евра за капитални објекти за брана Оризарска река се наменети 65 милиони денари, за брана Маркова река 30 милиони, за брана Коњско 10 милиони денари, за хидросистемот Равен Речица 20 милиони денари, за брана Слупчанска река 21 милион и 500 илјади денари, за хидросистемот Стрежево 10 милиони денари и за останати инвестиции и проекти од програмата за рурален развој 176 милиони денари.

„Ова се сериозни проекти кои се планираат во Република Македонија и кои ќе придонесат за развој на земјоделството односно ќе направат водоснабдувањето да биде на задоволително ниво имајќи предвид дека, ако се изземе годинава која е доста дождлива, во наредните години се очекуваат поголеми суши. Од тие причини ни се потребни овие системи како би можеле да имаме квалитетно производство“, рече Цветков.

За годинава се планира и чистење на 140 километри од постојната каналска мрежа за наводнување и одводнување за што се издвоени 80 милиони денари. Каналите треба да почнат да се чистат во септември и октомври. Во Македонија, како што појасни Цветков, има околу 1.400 километри каналска мрежа која до 2006 година била прилично запоставена. Оттогаш се исчистени 400 километри.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава планира да инвестира околу 180 милиони денари односно 3 милиони евра за рехабилитација и санација на постоечките системи со кои стопанисуваат 12 водостопанства во Република Македонија, во кои влегуваат бунарски системи, системи за наводнување… Водостопанствата, рече министерот Цветков, треба да дадат свои сопствени предлози за тоа каде би можеле да ги инвестираат планираните средства кои би требало да ги одобри Министерството и потоа да почнат да се реализираат.

Планирани се и измени на законското решение за управување на водните ресурси поради тоа што, како што истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, системот на управување со нив е несоодветен.

„Поради тоа имаше многу стечаи во водостопанствата, а се формираа нови. Тие се во вид на јавни правни субјекти и Владата односно Министерството немаат доволно увид во управувањето поради што се предлагаат измените кои ќе овозможат поинаков начин на управување со овие системи“, истакна тој.

Додаде дека во наредниот период се планира проект за водоснабдување во гевгелиско за 4.000 хектари земјоделска површина, проекти за изградба на систем за наводнување во Пробиштип и Кратово исто така на 4.000 хектари во кои ќе се користи водата од браната Злетовица, а планиран е и систем за наводнување на 5 илјади хектари во велешко.

Владата има изготвено десетгодишен проект за изградба и рехабилитација на постоечките системи за што се предвидени околу 200 милиони евра или годишно по околу 20 милиони евра. – Веќе имаме направено програма за промоција на овој проект. Регионално ќе се одржуваат средби каде ќе дефинираме кои се приоритетите на општините, истакна тој.

Планирана е изградба на нови и санација на постојните објекти и системи. Системите наместо како досега отворени, кои давале можност за злоупотреби и кражби, ќе се прават како затворени системи, капка по капка, скалести системи, а се размислува и за воведување можност корисниците со специјални картички да ја купуваат водата, со цел, како што рече министерот Цветков, системите да можат да се одржуваат.