Инвестициите отворија над 11.000 работни места

Странските инвеститори го билдаат економскиот раст, го јакнат извозот од земјава, отвораат нови работни места. Компаниите што се позиционираа во Македонија досега отворија 11.000 работни места, а во десетте месеци од годинава вредноста на нивниот извоз се приближи до милијарда евра. Според најавите, новите странски инвестиции ќе креираат уште 13.000 работни места, што значително ќе влијае за намалување на невработеноста, пишува Лидер.

Веибо се подготвува за големата инвестиција

Мултинационалната Веибо групација го чисти теренот за новата инвестиција, која доколку комплетно се реализира, Македонија ќе ја претвори во текстилен центар на Балканот. Турците првично планираа да вработат 4.000 луѓе, но според последните проценки, оваа бројка најверојатно ќе надмине 6.000. Компанијата на каналот YouTubeја објави визуелизацијата на својот проект, кој предвидува изградба на 10 фабрики: погони за ткаење, предење, фарбање, погони за производство на палта, панталони, кошули, за изработка на текстилни материјали, но и за изработка на картонски кутии за пакување на финалните производи. Веибо е текстилен гигагант во светски рамки, а во Ранковце планира да изгради интегрирана текстилна зона, во која буквално ќе биде заокружен целиот процес на производство, од одгледување памук и производство на ткаенини, до креирање готови производи кои ќе одат кај клиенти од рангот на Хуго Бос или Масимо Дути. Компанијата веќе има купено фабрика во Крива Паланка која ќе функционира како тренинг – центар за работниците, а реализацијата на новиот проект, ако сè оди според планот, треба да стартува за околу еден месец. Предвидена е иизградба на населба за работниците. Анализирано по бројки, оваа инвестиција ќе изнесува 400 милиони долари, а извозот од текстилниот комплекс се проценува на 600 до 800 милиони долари. Производите ќе се пласираат во ЕУ, САД, Русија, Кина, Јапонија, Јужна Кореја. Она што е најважно за обичниот човек е отворањето на голем број работни места, со што се очекува да заживее целиот крај, не само Ранковце, туку и Куманово, Крива Паланка, Кратово.

„Ова фабрика треба што поскоро да почне со работа, тоа ќе биде од големо значење за регионот“

-Ќе се вработат текстилци, а такви во овој крај ги има многу. Тие сега седат без работа“, велат локалните жители.

Градоначалникот на Ранковце вели дека во овој крај порано функционирала текстилната фабрика Карпош, во која работеле 1.600 луѓе, и дека жителите го знаат занаетот.

-Тоа ќе биде позитивно за Ранковце, ќе се вработат луѓе, но ќе се слеваат и повеќе средства во општината, смета градоначалникот Момчило Алексовски.

Се чекаат нови инвестиции од САД и Турција

Во моментов повеќе компании имаат донесено финални одлуки да инвестираат во Македонија и ги кројат бизнис – плановите. Секоја од нив ќе почнува со градба на своите капацитети согласно предвидената инвестициска динамика. Имињата на дел од новите инвеститори, како „Демпо Груп“, „Мач Груп“, „Истем Медикал“, „ПроЛајн“ или „Девели Груп“ се познати, но дел се уште ги прават финалните подготовки.

-Од почетокот на годинава до изборите, 17 компании донесоа одлуки и самите објавија дека ќе градат фабрики во Македонија. Ние со сите нив имаме контакт, тие работат на своите проекти и на сè што е потребно за да почнат со изградба. Јас се надевам дека во периодот меѓу декември и април најголемиот дел од нив ќе почнат со изградба на нивните фабрики. По изборите, уште осум компании објавија дека донесле одлука да инвестираат во Македонија, а шест не известија дека донесле одкука, но дека во овој момент се уште не се во можност да ги објават инвестициите, и ние тоа го почитуваме, вели премиерот Груевски.

Освен турски, во земјава се очекуваат и повеќе американски компании, откако владин економски тим, предводен од Груевски и Ставрески, ги презентираа инвестициските можности во САД. Веќе е познато дека аутсорсинг и консалтинг гигантот „Алорика“ е пред носење одлука да инвестира во Македонија. Се работи за компанија која вработува 16.000 луѓе и е распространета на 40 локации.

-Сакаме да инвестираме во Македонија. Во земјата има квалификувана работна сила, добра инфраструктура, Владата која го поддржува бизнисот. Сметам дека тоа е сè што и е потребно на мојата компанија за да постигне успех. За три месеци ќе ја посетам Македонија, со цел да го направам бизнис – планот,  откри првиот човек на Алорика, Енди Ли.

Инвестициите ја намалуваат невработеноста!

Работењето на странските компании во земјава донесе повеќекратни ефекти: од една страна ја променија структурата на извозот, почнаа да соработуваат со локалните компании (експерти советуваат и укажуваат на потребата од потесна соработка), отворија нови работни места, со што и стапката на невработеност се спушти на 28.2 проценти.

-Невработеноста изнесуваше 38 проценти, а сега изнесува 28%. Планираме до крајот на овој мандат да дојдеме до 22 проценти, вели премиерот Груевски.

Дополнително, инвестициите се дисперзирани низ целата територија на земјава. На пример, КСС е позиционирана во Кичево, ОДВ Електрик во Охрид, Техникал Текстил во Штип, Маркард во Велес, Про Компо во Тетово, Дрекселмајер во Кавадарци, Амфенол во Кочани, Кромберг и Шуберт во Битола, холандски инвеститори ќе одгледуваат печурки во Свети Николе, а повеќе компании се решија за Скопје. Со ова, според економистите, се поттикнува локалниот економски развој.

-Работниците земаат плата, одат во локални продавници, купуваат, трошат, со што се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Позитивните ефекти не се само оние од непосредното вработување, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Токму затоа и слободните економски зони, властите стратешки ги распределија низ целата земја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.