Инвестициски бум во слободните зони

Стартува новиот инвестициски циклус во слободните економски зони. Две фабрики ги отвораат погоните, три почнуваат со изградба на своите капацитети. Нови фабрики никнуваат во Скопје, Штип, Прилеп, Кичево, охридско – струшкиот регион. За неколку дена италијанската „Дијатек“ ќе почне со работа, а со тоа ќе се отворат 200 нови работни места. Се работи за еден од светските лидери во технологијата за дигитално печатење, со погони во Германија, Франција, Швајцарија и САД. Компанијата ја донесе одлуката за вложување пред само една година, а веќе го реализира деловниот потфат вреден 10 милиони евра. Според најавите, целото производство ќе биде наменето за извоз, пишува „Лидер“.

Финишира изградбата и на капацитетот на „Техникал Текстајлс“ во Штип, веднаш до фабриката на „Џонсон Контролс“. Инвестицијата е вредна 12 милиони евра и ќе отвори 600 директни работни места, а како што вели сопственикот на германската компанија, ако бизнисот оди добро ќе има и нови вработувања.

„Сакаме што поскоро да почнеме со производство, бидејќи гледаме голема иднина во Македонија. Ова е многу добро место за инвестирање. Ако стартуваме добро ќе повлечеме и други инвеститори, наши партнери“ – вели Џенс Ванланд.

„Техникал Текстајлс“ ќе биде втората оперативна фабрика во зоната во Штип, додека „Дијатек“ во Скопје ќе им се придружи на „Вистеон“ (поранешен „Џонсон Контролс“), „Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Продис“, „Кемет Електроникс“, „Ван Хол“.

Нови три капацитети за 4.000 работни места

Во вториот квартал од годинава почнува изградбата на новите фабрики на „КСС“ во Кичево, „Гентерм“ во Прилеп и на „ОДВ Електрик“ во охридско – струшката слободна зона. Ќе се отворат 4.000 работни места.

-Во дел од нив веќе се активни огласите за вработување, дел испратија и работници на обука во други земји. Паралелно, министрите за странски инвестиции ги водат разговорите со компаниите со кои треба да се потпишат договори за вложување, но и со други компании кои ќе инвестираат во земјава, а кои се уште не се објавени“  – открива владиниот гласноговорник, Александар Ѓорѓиев.

Ќе има работа и за македонската градежна оператива. Домашна компанија ќе го гради објектот на „КСС“ во Кичево, американска инвестиција од 20 милиони евра, која ќе донесе од 800 до 1.000 работни места, а Кичево ќе го претвори во град – производител на воздушни перничиња. Компанијата веќе го регрутира својот кадар.

-Првата фаза предвидуваше обука на работниците, а во втората фаза веќе бараме искусни оператори, техничари и инженери“ – вели заменик – претседателот за глобално производство на „КСС“, Џим Скарпа.

Интересно е што добавувачи на оваа компанија се „ОДВ Електрик“ и „Капкон“ кои исто така се решија да инвестираат во Македонија. Првата веќе вработува луѓе, со втората е потпишан договорот за инвестицијата во Бунарџик вредна 18 милиони долари, со што ќе се отворат 400 работни места. Компанијата ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња за клиентите во Европа.

-Овој производствен капацитет кога ќе стане целосно оперативен ќе вработи 400 луѓе. Ние сакаме да ги прошириме нашите активности во Македонија и да отвориме технички центар, преку кој ќе ги опслужуваме нашите клиенти и ќе им овозможуваме техничка поддршка. Планираме да ангажираме македонски инженери, вели директорот на компанијата, Али ел Хач.

Пелагонија – атрактивна за инвестирање

Наскоро и „Гентерм“ ќе почне со изградба на своите погони во Прилеп. Во слободната зона ќе се произведуваат грејачи за седишта и системи за ладење волани. Во првите три години се предвидени илјада вработувања, а потоа се очекува бројката да се искачи до 2.000. Се работи за компанија која оперира во повеќе земји, но со централен погон во Украина. Планот е производството од овој погон да го префрлат во Македонија. Во овој град инвестираат и „Аконпласт“ и „Буци&Буци“, кои ќе стартуваат како браунфлид вложувања. Во соседна Битола, освен гигантот „Кромберг и Шуберт“, ќе се реализираат уште неколку инвестиции: на турската „Чилмак Агрикалтурал Машинери“ и новата фабрика за чипс.

-Американска компанија што котира на њујоршката берза, од секторот аутсорсинг на бизнис – услуги, потпиша договор со Владата за отворање своја компанија во Скопје и во Битола. Проектот предвидува 2.000 вработувања, од кои најмалку 500 во Битола“ – рече на собирот во овој град, премиерот Груевски.

Странските инвеститори го размрдаа домашниот бизнис!

Во моментов, околу 500 домашни фирми соработуваат со странските инвеститори. Како резултат на оваа соработка, месецов во Штип се отвори новата фабрика на Актива, а сè повеќе домашни бизнисмени се вклучуваат во процесот на производство на странците. Од македонските фирми се набавуваат репроматеријали,  се користат како сервисери на машините и на опремата, се користат во делот на услугите, за транспорт и логистика, обезбедување, кетеринг.

-Секогаш странските компании ја разгледуваат можноста да најдат добавувачи на локално ниво кои веднаш би ги задоволиле нивните потреби. Домашните фирми треба да се конкурентни со цената. Тоа не значи дека секогаш треба да имаат пониска цена, туку да бидат конкурентни и сертифицирани“ –  објаснува првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

Според Мизо, во претстојниот период треба да се очекува да се зголемува и бројот на компании кои соработуваат со странските инвеститори и вредноста на самата соработка, бидејќи компании од зоните регистрираат зголемени нарачки и извоз. Лани извозот од ТИРЗ достигна 1,17 милијарди евра, за 52% повеќе во однос на претходната година, а според проценките, на среден рок, треба да се очекува извоз од околу 2 милијарди евра. Извозот од ТИРЗ во вкупниот извоз на Македонија веќе учествува со 31%.

Властите очекуваат годинава да ја комплетираме со 25 нови странски инвестиции кои ќе креираат 13.000 работни места.