среда, 22 март 2017  |  Вести денес: 45

„Инвестирај во својата иднина“ – Стипендии за студентите од семејства со помали приходи

vladata-so-nova-merka-kje-gi-stimulira-studentite

Поврзани вести

„Инвестирај во својата иднина“ е уште еден од проектите наменети за младите лица кој денеска го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Проектот кој денеска го објавувам е одлична вест за младите кои сакаат да го надградат своето образование и да инвестираат во својата иднина и токму затоа ние ќе започнеме со реализација на проектот нарачен „Инвестирај во својата иднина“, со кој ќе овозможиме стипендии за постдипломски и докторски студии на државните Универзитети под мошне поволни услови за студентите кои доаѓаат од семејства со помали приходи. На студентите кои ќе дипломираат со просек 8,5 и доаѓаат од семејства со пониски приходи, кои поради финансиски причини не се во можност да го продолжат образованието, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи стипендии за постдипломски и докторски студии на еден од државните Универзитети, истакна Груевски.

Рангирањето ќе се одвива на следниот начин:

Студентите добиваат најмногу до 100 бода, при што од вкупнниот број бодови најмногу до 20 бода се добиваат за постигнатиот успех со претходното образование- прв циклус ако се запишува на магистерски студии, односно прв и втор циклус ако се запишува на докторски студии, при што мерката се однесува на студенти кои имаат просек над 8,5 во претходното образование. За материјалните можности за студентите и нивните семејства се добиваат до 60 бодови. За критериумот материјални можности на студентите и нивните семејства се земаат вкупните месечни примања по член на семејство во однос на просечната исплатена месечна нето плата во Македонија, при што предност имаат оние студенти кои имаат пониски приходи по член на семејството, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Студентите пак, кои до 18 години биле без родители и родителска грижа, студентите кои се карактеризирани како лица со посебни потреби, студентите кои се деца на самохран родител или еднородителско семејство, студенти- деца на корисници на социјална помош и студенти- деца на корисници на надомест по основ на технолошки вишок за кои вкупните приходи во семејството се под нето минималната плата добиваат дополнителни 10 бодови.

За студиска програма на која е запишан студентот технички и медицински науки се добиваат исто така дополнителни 10 бодови, со цел стимулирање на овие професии кои се дефицитарни на пазарот на труд. Ова ќе биде огромна помош за студентите со повисок просек кои поради финансиски причини не го продолжуваа своето образование. Еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ е да инвестира во образованието во Македонија со цел зголемување на квалитетниот кадар, но и реално да им помогнеме на луѓето кои имаат желба, мотив и капацитет за тоа, потенцираше Груевски.

Проектот ќе започне да се спроведува преку Министерството за образование од месец септември 2017 година.

Најчитани вести