Инвестирани над 66 милиони евра во електропреносниот систем

По повод јубилејот Синиша Спасов генералниот директор, во име на менаџментот даде две донации во вредност од по 500.000 денари за Универзитетска клиника за детски болести и на Институт за белодробни заболувања на деца – Козле

МЕПСО во изминативе 10 години изгради нови 137,5 километри далекуводи, а ревитализираше и реконструираше 385,3 километри далекуводи. Изградена е нова трансформаторска станица во Штип, а во повеќе трансформаторски станици заменета со нова е примарната високонапонска опрема. Надградена е оптичката мрежа, инсталирана е нова опрема за автоматско управување со електропреносниот систем и во заштита на постројките во преносната мрежа. МЕПСО во изминативе десет години вложи 66 милиони евра во надградба на постоечката и во нова енергетска инфраструктура со цел зголемување на преносниот капацитет и подобрување на стабилноста и доверливоста на електропреносниот систем, потенцираше Синиша Спасов, генералниот директор на Македонскиот електропреносен систем-оператор на јубилејот 10 години од основањето на компанијата.
Во овие 10 години МЕПСО вршејќи ја јавната дејност оператор на електропреносниот систем пренесе 78,86 милиони мегават часови електрична енергија. За да оствари својата дејност МЕПСО во овој период вложи 23,8 милиони евра во изградба, реконструкција и ревитализација на далекуводи и уште 26,2 милиони евра во израдба на нова трансформаторска станица во Штип, набавка и инсталација на нови автотрансформатори како и во инсталација на нова примарна високонапонска опрема. Воедно се надградија и 640 километри оптичка мрежа.

Паралелно со тие процеси се инвестираше и во опрема за управување на електропреносниот систем и заштита на елементите и постројките на преносната мрежа – проекти во кои се вложени над 16 милиони евра.

IMG_7070

Во овој период активно се реализираа и проектите за интеграција на МЕПСО при што компанијата стана полноправен член на Асоцијацијата на електропреносни систем оператори на Европа (ENTSO-E). Во процесите на олеснување на трговијата со електрична енергија МЕПСО седум години успешно организира годишни, месечни, неделни и дневни аукции за закуп на расположливи прекугранични преносни капацитети на јавен, транспарентен и недискриминаторен начин. Во овој период целосно е реконстуиран и Националниот диспечерски центар од каде се управува со националниот електропреносен систем.

Во комплексниот процес на либерализација во кој електричната енерегија од социјална се трансформира во пазарна категорија МЕПСО, како организатор на пазарот на електрична енергија создаде услови до октомври 2014 година количеството на електрична енергија истргувана по пазарни цени да надмине 44 отсто од вкупната пренесена електрична енергија.

Во рамки на зајакнување на интерните работни процеси во овој период е имплементиран „Бизнис информациски систем“ (БИС), а имплементирани се и следниве системи:
Систем за управување со квалитет, согласно меѓународниот стандард ISO 9001;
Систем за управување со животната средина во електроенергетскиот сектор, согласно меѓународниот стандард ISO 14001 и Системот за безбедност и здравје при работа, согласно меѓународниот стандард OHSAS 18001.