Инвеститори од Ескишехир ја посетија Македонија

По посетата на турскиот град Ескишехир, каде што премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација се обратија на бизнис форумот за презентација на поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции, претставници на дваесет компании на Стопанската комора на Ескишехир, предводени од претседателот на комората, во четвртокот во Скопје имаа средба со претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, пренесува Макфакс.

На средбата тие имаа можност да дознаат повеќе за поволностите за инвестирање и директно да разговараат со стручни лица од Агенцијата кои им помогнаа подобро да ја запознаат Македонија и начинот на кој можат да започнат бизнис.

Потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу Турција и Македонија со кој се создадоа одлични можности за трговија со помали трошоци е основа за ваков вид на продлабочување на економската соработка на овие две земји.

Компаниите се од различни индустрии меѓу кои и медицинска опрема, трговија, туризам, градежништво, прехранбена индустрија и друго.