Инвеститорите поединци во градежна офанзива

Најголемиот дел од станбените згради низ земјава ги градат физички лица, покажува официјалната државна статистика. Притоа, дури секое трето одобрение за градба го добива градежна компанија.

Сепак, иако инвеститорите-поединци градат многу повеќе, објектите што тие ги прават се со пониска вредност споредено со зградите на фирмите, анализира „Дневник“.

Дел од градежните компании се чувствуваат загрозени од ваквата ситуација, бидејќи сметаат дека инвеститорите-поединци им се нелојална конкуренција. Фирмите потенцираат дека додека тие плаќаат даноци за изградените станови, физичките лица не се даночни обврзници и се ослободени од таа давачка.

Според податоците на Државниот завод за статистика за издадени одобренија за градба, во декември од вкупно 239 објекти, на 185 како инвеститори се јавуваат физички лица. Односно, 77,4 отсто од одобренијата за градба во тој месец им биле издадени на поединци, за разлика од 22,6 отсто на кои како инвеститори фигурираат градежни компании. Слична е состојбата и во сите други месеци од изминатата година. Збирните податоци покажуваат дека во 2013 година, дури 76,1 отсто од инвеститорите на станбени згради биле физички лица.

Статистиката покажува дека физичките лица во декември добиле градежни дозволи за згради чија вредност се проценува на 20,5 милиони евра. Во исто време, градежните фирми треба да изградат објекти во вредност од 20,9 милиони евра.

Ваквите бројки, според Здружението за градежништво, најмногу се должат на изградбата на згради со содружништво, која стана актуелна последниве години. Се одвива така што сопственикот на земјиштето врз кое се гради го доделува на некој инвеститор. Инвеститорот ги плаќа сите трошоци за објектот, а по завршувањето на градбата на сопственикот на земјиштето му дава неколку стана во зградата. Граѓаните што на овој начин станале содружници во изградба на згради објаснуваат дека бројот на доделени станови зависи од атрактивноста на земјиштето, среденоста на имотно-правните односи, документацијата, како и од катноста на зградата што треба да се прави. Во зависност од сите овие фактори, сопственикот на земјиштето добива од 20 до најмногу 33 отсто од изградениот објект.

Претседателот на Здружението за градежништво, Никола Велковски, вели дека најголемиот дел од статистичките бројки се однесуваат токму на ваквите случаи, каде што во одобрението за градба како инвеститор е запишан сопственикот на земјиштето, бидејќи само тој може да биде носител на градежна дозвола.

„Можеби има и физички лица, кои самите градат згради, но повеќето случаи се како овој што го објаснив. Токму поради данокот, пред извесно време се направија измени во законската регулатива со кои во одобренијата за градба се наведува и инвеститорот што ќе го гради објектот, а не само сопственикот на земјиштето, така што и оној што реално гради плаќа данок. Денес само малку градежни компании се моќни однапред да го купат земјиштето и врз него да градат зграда. Затоа се здружуваат со сопственикот, кој за возврат добива дел од изградениот објект“, вели Велковски за „Дневник“.

Во градежната компанија „Адора инженеринг“ не веруваат дека процентот на физички лица што се јавуваат како инвеститори на згради реално е толку висок.

„Ако навистина е така, нешто не е во ред зашто тие ги користат сите поволности, а верувам и дека тоа е на штета на државата. Не сме против градба на станбени објекти од страна на физички лица како инвеститори, тоа е нормална работа, но до одредена мера. Секое физичко лице што се вклопува и работи според законските прописи е оправдано, но овој процент од 70 отсто на физички лица како инвеститори во изградба на станбени објекти е симптоматичен“, вели Ванчо Чифлиганец, генерален директор на „Адора инженеринг“, за „Дневник“.

Тој не смета дека инвеститорите-поединци се’ нелојална конкуренција на неговата компанија, бидејќи, како што вели, неговото досегашното 11-годишно искуство во градежниот сектор покажало оти граѓаните повеќе им веруваат на правните лица-инвеститори.

„Тоа е оправдано бидејќи правните лица имаат поголеми обврски и одговорности според законите. Сепак, и за правните и за физичките лица во оваа дејност постојат закони, кои максимално треба да се почитуваат. Во спротивно, постојат санкции и казни и други соодветни мерки. Без разлика дали се работи за физички или правни лица, од нивната работа бенефит треба да имаат, пред се’, купувачите, односно граѓаните, државата и самите инвеститори“, вели Чифлиганец за весникот.

Бројките покажуваат дека и физичките лица и фирмите најмногу градат трисобни и двособни станови. Според планираните објекти, најмногу нови згради во следниот период ќе се градат во скопскиот регион, по што следуваат полошкиот и пелагонискиот.