Ирачките шиити кои војуваа во Сирија се враќаат да помогнат во татковината

Ирачките шиитски борци кои војуваа во Сирија, на страната на сириската армија, против бунтовниците и сунитските исламисти кои се обидуваат да го соборат претседателот Башар ал Асад, сега забрзано се враќаат во Ирак за да помогнат во одбраната на земјата од силната офанзива на милитантите од Исламска држава Ирак и Левант.

Безбедносни експерти тврдат дека на сирискиот фронт имало од 20 до 30 илјади шиитски Ирачани, кои заедно со припадниците на Хезболах од Либан,за кои се верува дека ги имало меѓу пет и десет илјади под оружје, изминатите години, значително ја засилувале позицијата на малцинските шиити во Сирија, на кои им припаѓа претседателот Асад.

Во најновата фаза од сириската војна, од крајот на минатата година и почетокот на оваа, тие главно војуваа против ислмистичките групи на милитантните сунити, предводени од Исламска држава Ирак и Левант кои настојуваат не само да го соборат Асад, туку и од Сирија да создадат сунитска исламистичка држава.

Направениот коридор што тие го имаат обезбедено на истокот од земјата, им овозможува лесно да се префрлаат во Ирак, каде сега се обидуваат преку силната офанзива против ирачката армија, да го освојат и Багдад и во централниот и северниот дел на земјата да создадат своја држава што би била поврзана со територијата која веќе ја контролираат во Сирија.

Враќањето на ирачките шиитски борци во Ирак, сметаат овие експерти, ќе ја лимитира можноста на претседателот Асад,да врши нова офанзива против разбиените и разединети бунтовнички сили во својата земја,а уште помалку да ја одржува целата сириска територија.

Владата во Багдад, денеска за прв пат, јавно, ја обвини Саудиска Арабија за офанзивата на сунитските џихадисти, тврдејќи дека Ријад стои зад сегашната ирачка криза. Саудиска Арабија, заедно со Кувајт, но и со Катар, сите три сунитски држави, каде има шиитско малцинство, силно материјално и со оружје ги помагаат противниците на Асад во Сирија и нивното настојување тој да биде соборен од власта.