Ирачката војска ослободи премин за цивилите во Мосул, бројот на жртвите расте

(Photos by AFP)

Ирачките сили отвориле излезни коридори за стотиците цивили кои од саботата го напуштаат старото градско јадро во вториот по големина град во земјата Мосул, додека сѐ уште траат борбите со борците на екстремната сунитска организација Исламска држава.

Специјалните единици обучувани од американските сили ги насочиле своите напади по должината на две улици кои завршуваат во Стариот град на Мосул, за да ги изолираат џихадистичките борци во четири џебови.

Од Обединетите нации во саботата предупредија на големиот број цивилни жртви во густо населеното старо градско јадро, кое се состои од густа мрежа тесни и густо населени улици, и нагласи дека во петокот била потврдена смртта на 12 луѓе и уште стотини ранети.

„Борбите во Стариот град се многу жестоки, а цивилите се изложени на екстремна незамислива опасност. Имаме извештаи дека Исламската држава користи илјадници луѓе, можеби дури и десетици илјади, како човечки штит“, предупреди Лиза Гранде, координаторка на ОН за Ирак. Додаде дека „стотици цивили се убиени, вклучително и деца“.

Ирачките власти се надеваат дека ќе прогласат победа во Мосул до крајот на светиот муслимански месец рамазан.

Во саботата најмалку сто цивили, изгладнети и преморени, успеале да дојдат до територијата под контрола на владините сили западно од Стариот град. Некои од нив се цели семејства со повредени и прегладнети деца, а војската ги снабдува со храна и вода.

Повеќе од 100.000 цивили, а се претпоставува дека половината од тоа се деца, останале во урнатите куќи во Стариот град, речиси без лекови, вода и медицински и други продукти.

Хуманитарните организации и ирачките власти обвинија дека Исламската држава настојува да ги оневозможи цивилите да се спасат и ги користат како жив штит. Во последните три седмици, џихадистите убиле стотици цивили коишто се обиделе да го напуштат Стариот град, според истите извори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.