Ирачкото разузнавање ги демантира информациите за смртта на ал-Багдади

© AFP 2017 / Prakash Singh

Водачот на ултрадикалната сунитска групација Исламска држава, познат под псевдонимот Абу Бакр ал-Багдади, е жив и се крие во Сирија, изјави директорот на службата за разузнавање на противтерористички операции при министерството за внатрешни работи на Ирак, Аби Али ал-Басри, пренесува во неделата телевизијата Al Arabiya.

Според извештајот на телевизијата, ал-Басри ги негирал информациите дека ал-Багдади наводно загинал, како што неодамна тврделе лица од џихадистичката организација, и додал дека тој „продолжува да се крие во Сирија. Притоа ирачкиот безбедносен функционер истакнал дека терористот број еден во светот во моментов не се наоѓа на територијата на сириската покраина Рака, каде што истоимениот град е главното упориште на Исламската држава во Сирија.

На 11 јули телевизијата Al Arabiya повикувајќи се на локални извори од ирачката покраина Нинева објави дека милитантите на Исламската држава ја потврдиле смртта на нивниот водач Абу Бакр ал-Багдади. Според телевизијата, џихадистите објавиле кусо соопштение во кое навестуваат за смртта на ал-Багдади, како и дека наскоро ќе го објават името на „новиот калиф“.

Неколку дена пред оваа информација, ирански медиум објави снимка од област во близина на сирискиот град Рака на којашто се гледа безживотно тело на човек кој многу личи на ал-Багдади.

Во средината на јуни руското министерство за одбрана објави дека ги проверува информациите според коишто во бомбардирањето на руската авијација во Сирија во последните денови од мај меѓу 300-те убиени припадници на Исламската држава, бил и нејзиниот водач.

Шефот на американското министерство за одбрана, Џејмс Матис на 14 јули изјави дека Пентагон сѐ уште не може да ја потврди смртта на водачот на Исламската држава.