Свет

Ирак не сака странски војници во борбата против џихадистите

Ирак не сака странски војници во борбата против џихадистите

Ирак не сака на негова територија да бидат распоредени странски војници во борбата против џихадистичката групација Исламска држава, но е подготвен да прифати странски инструктори за обука на неговите вооружени сили, изјави ирачкиот министер за надворешни работи Ибрахим ал Џафари, по средбата во Анкара со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, објави МИА.

Турскиот министер, пак, истакна дека Турција е подготвена да ги обучува и опреми ирачката армија и полиција.

Односите меѓу Турција и Ирак се затегнаа изминатите месеци, откако курдскиот полуавтономен регион во Ирак почна да и продава нафта на Турција без дозвола на централните власти.

Владата во Багдад тврди дека единствено таа има право да ги произведува и продава ирачките природни ресурси.

Турција пред неколку дена им овозможи на околу 150 курдски борци од Ирак да прeминат преку нејзина територија во Сирија, каде се вклучија во одбрана на курдскиот град Кобане, кој е под опсада од борците на ИД.