Ирак во пустината ја започна последната офанзива против ИД

Ирак во четвртокот во западната пустина ја започна последната воена операција чијашто цел е уништување на последните упоришта на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД).

„Војската, федералната полиција и паравоените сили Хашд ал-Шаабија започнаа утрово голема операција на чистење на пустинската област Ал-Џазира која се протега на покраините Шаахедин, Нинива и Ал-Анбар“, изјави во соопштение генералот Абделамир Џаралах, командант на операциите на Здружената оперативна команда на Ирак.

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади изјави во вторникот дека Исламската држава е поразена од воена перспектива, но дека ќе прогласи конечна победа над џихадистте откако нивните војници ќе бидат искоренети од пустината.

Ирачките сили минатиот петок го заземаа пограничниот град Рава, последниот преостанат град под контрола на Исламската држава, навестувајќи го крајот на самопрогласениот „калифат“ кој го прогласи оваа сунитска групација по заземањето на големи области од северен и западен Ирак, како и од соседна Сирија, по ненадејната офанзива во летото 2014 година.