Свет

техеран не се откажува од ракетната програма Иран ја предупредува Европа дека ќе го зголеми дострелот на ракетите доколку му се заканува

Иран ја предупредува Европа дека ќе го зголеми дострелот на ракетите доколку му се заканува

Заменикот челник на иранската Револуционерна гарда ја предупреди Европа дека доколку му се заканува на Техеран ќе го зголеми дострелот на ракетите на повеќе од 2.00о километри, пренесува агенцијата Fars.

„Ако го задржавме дострелот на нашите проектили на 2.000 километри, тоа не е поради недостиг од технологија. Ја следиме стратешката доктрина. Досега Европа не ја гледавме како закана, но доколку така се постави, ќе го зголемиме дострелот на нашите проектили“, изјавил во саботата иранскиот бригаден генерал Хосеин Салами кого го цитира агенцијата Fars, a шефот на иранската дипломатија го повика Европскиот парламент да помогне во олеснувањето на рестрикциите кои ги попречуваат банкарските трансакции меѓу Техеран и земјите во Европската унија.

Франција претходно повика на бескомпромисен дијалог со Иран за неговата програма за балистички ракети и можни преговори за нуклеарниот договор со оваа земја постигнат кон крајот на 2015 година со шесте светски сили.

Иран во повеќе наврати порачуваше дека неговата ракетна програма е одбранбена и дека не може за неа да се преговара, иако ја има една од најголемите ракетни програми на Блискиот исток, при што некои од прецизно наведуваните ракети имаат дострел да погодат цели во Израел.

САД го обвините Иран претходно на почетокот од ноември дека со својата ракетна програма го крши меѓународното право, како и дека бунтовниците во регионот на Блискиот исток ги снабдува со ракети и оружје, повикувајќи ги Обединетите нации да го повикаат на одговорност Техеран и за кршење на двете резолуции на Советот за безбедност при ОН. Меѓутоа, Иран решително ги негираше ваквите обвинувања.

Во неделата иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, го повика Европскиот парламент да помогне во надминувањето на рестриктивните мерки кои го отежнуваат непреченото финансиско работење на неговата земја со членките на ЕУ.

„Европската унија е значаен партнер на Иран, треба да ја прошириме банкарската соработка со земјите членки на ЕУ“, изјави Зариф по средата со шефот на Парламентарната група за пријателство на Европскиот парламент, Јануш Левандовски во Техеран.

За време на состанокот Зариф одговарал на прашањата што ги поставувале членовите на делегацијата на Европскиот парламент во врска со ситуацијата на Блискиот исток и иранската улога во овие настани, пренесува агенцијата Fars.

Левандовски од своја страна ја потврдил целосна поддршка на Европа на Заедничкиот сеопфатен акционен план, односно нуклеарниот договор на Иран со светските сили, кој администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го проблематизира како лош, повикувајќи ги сите потписници да се придржуваат до договореното.

Десетината европски парламентарци го посетија Техеран на покана од претседателот на Групата за парламентари односи на Иран со Европскиот парламент, Казем Џелали. Во текот на тридневниот престој.

Според нуклеарниот договор од Виена, за Иран се укинати дел од децениските меѓународни санкции во замена за ограничувањето на неговите нуклеарни активности, односно збогатување на ураниум до ниво од кое може да се дојде до атомско оружје.