Иран ќе му помогне на Ирак во борбата против џихадистите

Владата во Техеран денеска соопшти дека е подготвена да им помогне на ирачките власти во борбата против џихадистите од групата Исламска држава (ИД), објави МИА.

Иранскиот потпретседател Ешак Џахангири му даде вакво ветување на својот ирачки колега и поранешен премиер на оваа земја Нури ал Малики за време на средбата во Техеран.

– Во борбата против тероризмот мораме да ги употребиме сите средства. Иран е подготвен да му помогне на Ирак со сите свои средства – истакна Џахангири.

Со цел да се спречи офанзивата на ИД, која започна на 9 јуни, Владата во Техеран ги снабди ирачките Курди со оружје и испрати свои воени советници во Багдад, истовремено негирајќи дека испратила и копнени трупи.

Иранските власти одбија да и се придружат на меѓународната коалиција во воздушните напади против ИД, но се подготвени за регионална поддршка на властите во Ирак и Сирија, чии поголеми делови од териториите се под контрола на џихадистите.