Иран оптимистичен по средбата со петте големи сили, за Путин за нуклеарниот договор има надеж

Иран добил уверуваа дека меѓународниот договор за неговата нуклеарна програма ќе се одржи откако од него се повлекоа САД, изјави во петокот заменикот на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арахчи по средбата со дипломатите од петте големи сили коишто се залагаат за зачувување на договорот.

„Пооптимистичен сум отколку пред состанокот“, изјави иранскиот дипломат за новинарите по средбата во Виена.

Меѓутоа, додал дека Техеран ќе донесе одлука „за неколку седмици“, по натамошните технички разговори со петте големи сили – Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, дали ќе продолжи да се придржува до договорот или ќе се откаже од него како и САД.

Оваа средба на дипломатите од шесте земји потписнички на нуклеарниот договор од 2015 година е првата откако американскиот претседател Доналд Трамп објави на 8-ми мај дека САД се повлекуваат од меѓународната спогодба со којашто Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма а за возврат да му бидат укинати децениските меѓународни економски и финансиски санкции.

„Дипломатите од петте земји нѐ уверија дека ќе се обидат да осигурат иранските интереси да бидат имплементирани во согласност со договорот“, додал Арахчи.

Истовремено рускиот претседател Владимир Путин во петокот во Санкт Петербург изјави дека „сѐ уште има надежи“ за спас на нуклеарниот договор, оценувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп има волја да преговара и покрај истапувањето од договорот.

„Американскиот претседател не ја затвори вратата за преговорите, вели дека има многу нешта што му пречат во тој документ, но не ја отфрли можноста од договор со Иран. Се чини дека не е сѐ пропаднато“, изјави Путин на економскиот форум.

Одлуката за откажувањето на Вашингтон од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма и заканата за воведување одново на санкции за Иран, предизвикаа остри критики од Европската унија поради загрозувањето на инвестициите на европските компании во оваа земја, како и поради стравување од нови тензии на Блискиот исток и тамошна трка во нуклеарно вооружување. Од истите причини постапката на Трамп ја критикуваа и Русија и Кина.

Одлуката ја поттикна ЕУ да се приближи до Русија за да се обидат заедно да го спасат договорот и по секога цена да спречат Иран повторно да започне со збогатувањето ураниум до високо ниво од кое лесно може да дојде до нуклеарно оружје.

„Не мислам дека претседателот Трамп е губитник. Во прв ред, со ова го исполни своето предизборно ветување. Значи, на некој начин дури и доби, гледајќи од аспект на внатрешната политика“, заклучи рускиот претседател Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.