Иран порача дека силите кои ги планираат САД во Сирија ќе ја разгорат војната

© AFP 2018 / Delil Souleiman

Иран порача во вторникот дека новите сили од 30.000 борци коишто во Сирија ги планираат САД ќе го разгорат „огнот на војната“, поддржувајќи ги со тоа Сирија, Турција и Русија коишто претходно изразија остро несогласување со овој план на Вашингтон.

Во неделата коалицијата предводена од САД соопшти дека работи со своите сојузници сириските сунитски бунтовници и курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) кои се ударниот дел на ткн воена коалиција Сириски демократски сили (SDF), на формирање сили коишто ќе дејствуваат на границата со Турција и Ирак, како и во внатрешноста на Сирија. Според првичните процени, станува збор за 30.000 борци коишто ќе бидат обучувани како и досега од американските специјалци и вооружени со западно оружје, вклучително и тешко вооружување.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад одговори со ветување дека ќе ги уништи новите сили и ќе ги истисне американските сили во Сирија. Станува збор за околу 2.000 американски војници кои, според информациите на Русија и Турција, воспоставиле неформални бази на сириска територија. Москва обвинува дека во нив се обучуваат припадници на џихадистичката организација Исламска држава за изведување операции со кои ќе ја дестабилизираат ситуацијата во Сирија.

Турција, исто така, се спротистави на ваквите планови на Вашингтон остро реагирајќи со испраќање на оклопни возила и дополнителни сили на турско-сириската граница. Анкара ги смета YPG за крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), која и Труција и САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека следните неколку дена може да започне операција на армијата против курдските борци кои ги нарече „терористичка војска“ во областите на Манбиџ и Африн, а медиумите велат дека веќе се одредени 149 на сириските курди врз кои следните денови ќе започне воздушни удари пред да започне копнената операција.

Русија ги нарече плановите на САД „заговор чија цел е распарчување на Сирија и ставање на дел од нејзината територија под американска контрола.в
Портпаролот на иранското министерството за надворешни работи, Бахрам Касеми, изјави дека ваквите сили би ги зголемиле тензиите во Сирија. Шиитски Иран ја поддржува владата на претседателот Асад, кој доаѓа од алавитската заедница која е огранок на шиитскиот ислам, во речиси седумгодишната војна против сунитските бунтовници поддржувани од сунитските земји од регионот и Западот и против сунитските џихадисти од Исламската држава и Џебхат ан-Нусра, сириското крило на терористичката мрежа Ал Каеда.

„Американската најава за формирање нови погранични сили во Сирија претставува очигледно мешење во внатрешните прашања на оваа земја“, рече Касеми порачувајќи американските сили веднаш да ја напуштат територијата на Сирија.