Свет

Иран разгледува неколку можности за спроведување гас во Европа

Иран разгледува неколку можности за спроведување гас во Европа

Техеран разгледува неколку можности за спроведување гас во Европа откако Западот ги крена санкциите кои беа поставени поради нуклеарната програма.

– Иран разгледува неколку правци по кои би се испорачувал гасот во Европа. Можни се околу пет до шест правци, вели Азизолах Рамезани, директор на националната иранска компанија за агенцијата Риа Новости, пренесува Раша Тудеј.

Според првичните информации гасоводот би можел да поминува низ Турција, Црното море, Ирак, Сирија и Јадранското море.

– Но овие правци мора да бидат проучени во согласност со нормите, и мора да се проучат економските трошоци за да се избере најдобрата рута. Ние започнавме со истражувањата, затоа што тие може да бидат спроведени во секое време, без разлика на санкциите, но се зависи од клиентот: Европа. Европа очекува санкциите да бидат кренати, а потоа ќе почнат преговорите, а дури потоа ќе може да биде потпишан договорот со Иран, вели Рамезани.

Според него, постои можност да биде искористен и гасоводот Турски тек, иако за тоа сеуште не се водени разговори.

– Ова е можно. Сеуште сме немале преговори за ова, но би можело да биде добра идеја да се почнат преговори во овој момент. Точката од каде рускиот и турксиот гасовод ќе одат во Европа, исто така би можела да се искористи и за иранските гасоводи да стигнат во Европа, рече Рамезани на маргините на конгресот за енергетика во Париз.

ОН, САД и ЕУ, како и голем број други земји и организации поставија санкции против Иран поради контроверзната нуклеарна програма.

Иран и меѓународните сили постигнаа спогодба за клучните параметри на програмата во април годинава. Се очекува договорот да биде заклучен до 30-ти јуни годинава.

фото: Reuters