Иран сака засилен дијалог со Русија по излегувањето на САД од нуклеарниот договор

Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави во саботата дека Техеран и Москва мора да го засилат дијалогот по американската одлука да го напуштат меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година.

Оваа изјава на иранскиот претседател Хасан Роухани била дадена во текот на разговорите со рускиот колега по должност Владимир Путин пред почетокот на самитот на Шангајската организација за соработка, во којашто покрај Кина и Русија се повеќе земји од среда и источна Азија, вклучително и новите членки Индија и Пакистан, а Иран има статус на набљудувач. Во текот на викендов челниците на овие земји се среќаваат на годишниот состанок на врвот во градот Чингдау, на источниот кинески брег.

„Имајќи го предвид нелегалното излегување на САД од овој договор, потребен е уште посериозен и поважен дијалог меѓу нашите земји“, рекол Роухани кого го цитира агенцијата ТАСС. Според иранскиот претседател, односите меѓу Русија и Иран се сѐ попозитивни. „Со секој ден тие и натаму се развиваат“, истакнал Роухани.

Иранскиот претседател ја истакнал „клучната и лидерска“ улога на Русија во одржувањето на нуклеарниот договор, додека неговиот руски колега потврдил дека оваа важна меѓународна спогодба ја имаа сета поддршка на Москва.

„Врз основа на извештаите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Иран ги исполнил своите обврски во рамките на договорот.. По едностраното и нелегално излегување на САД, Москва има важна улога во зајакнувањето на договорот и исполнувањето на обврските преземени од страните потписнички“, рекол Роухани, пренесе агенцијата Fars.

Роухани ќе има можност со колегите да разговара на оваа тема. Русија и Кина, како и САД, Велика Британија, Франција и Германија, се потписнички на договорот од 2015 година со кон Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за ублажување на децениските меѓународни санкции. Меѓутоа, одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп САД да истапат од овој договор создава можност за нови американски санкции против Иран под кои на удар ќе дојдат и странските компании коишто работат во оваа земја.

Техеран сега бара поддршка од другите потписници, во прв ред Кина којашто е голем потрошувач на иранската нафта, за да може неговата економија да функционира. Лондон, Париз и Берлина, исто така, настојуваат да го спасат договорот и да осигурат европските компании кои работат со Иран да ги избегнат американските санкции.