Иран се пласираше на фудбалскиот мундијал во Русија (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Иран стана третиот учесник на Светското првенство коешто ќе се одржи од 14 јуни до 15 јули следната 2018 година во Русија, а пласманот го обезбедија со домашната победа над Узбекистан од 2:0 (1:0) во мечот од 8-то коло на Групата А, последниот круг од азиската квалификациска зона.

Стрелци за клучната победа беа Сардар Азмун во 23 и Мехди Тареми во 88 минута од натпреварот.

Со оваа победа Иран стаса до 20 бодови, недостижни осум повеќе од третиот Узбекистан, а директниот пласман на Светското првенство го обезбедуваат двете првопласирани репрезентации од двете групи од завршниот круг.

Пред Иран, пласман на мундијалот обезбеди само Бразил како водечки во јужноамериканските квалификации, и се разбира Русија, како домаќин.

Второто место во азиската Група А го има Јужна Кореја со 13 бодови и натпревар помалку, а на последните три позиции се Сирија со 8, Кина со 5 и Катар со 4 бодови.

Во вторник играат Сирија – Кина и Катар – Јужна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.