Свет

пазарење за иранската балистичка програма Иран условува Западот да го отфрли нуклеарното оружје пред секакви преговори за проектилите

Иран условува Западот да го отфрли нуклеарното оружје пред секакви преговори за проектилите

Иран нема да преговара за својата балистичка програма сѐ додека САД и Европската унија не го демонтираат своето нуклеарно оружје и проектилите со долг дострел, изјави во саботата портпаролот на иранските вооружени сили, Масуд Џазајери.

Независно од оваа изјава, официјален Техеран во саботата потврди дека шефот на иранската дипломатија се сретнал со поранешниот американски државен секретар Џон Кери на маргините од Минхенската безбедносна конференција во февруари. Магазинот The New Yorker претходно објави дека Кери го повикал Техеран да не се повлекува од нуклеарниот договор од Виена постигнат во 2015 со шесте светски сили и покрај тензиите со администрацијата на американскиот претседател Дионалд Трамп.

Иран пред две и пол години прифати ограничување и меѓународна контрола на својата нуклеарна програма за која и натаму тврди дека е исклучиво со цивилни цели, но истрајно одбива да разговара за својата ракетна програма, како што бараат САД и западноевропските земји, посочувајќи на вооружувањето кошето го поседуваат западните сојузници во регионот.

„Услов за преговорите за иранските проектили е уништувањето на нуклеарното оружје и проектилите со долг дострел на САД и Европа“, изјави портпаролот на иранската армија, Масуд Џазајери кого го цитира новинската агенција IRNA.

Техеран образложува дека неговата ракетна програма е одбранбена и не е поврзана со виенскиот нуклеарен договор од 2015-та кој доведе до укинување на децениските меѓународни санкции против Иран.

Западноевропските земји и Иран започнаа разговори за улогата на Техеран на Блискиот исток и повторно нивните претставници ќе се сретната во Италија до крајот на март, како дел од напорите да им се докаже на САД дека Западна Европа ја дела нивната загриженоста поради нуклеарниот договор.

Во петокот The New Yorker објави дека во текот на еден состанок, за кој тврди дека на него биле и други учесници во нуклеарниот договор, „Кери потполно ги повика Иранците да не го отфрлаат договорот или да ги кршат неговите услови, што и да стори администрацијата на Трамп“.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми, како што пренесува IRNA изјавил дека министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф „секогаш се среќава на маргините од таквите меѓународни самити со личностите и елитите кои учествуваат… во рамките на зачувување на иранските интереси“.

Зариф на маргините на Минхенската безбедносна конференција се сретнал со „Џон Кери и Ернст Мониз, шефот на дипломатијата и министерот за енергетика во претходната американска администрација, кои имаат критички став кон политиките на администрацијата на Трамп“, потврдил Касеми.