Ирански медиум објави снимки кои наводно ја потврдуваат смртта на шефот на ИД

Иранска телевизија објави снимки за коишто се тврди дека ја потврдуваат смртта на челникот на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.

Иранската телевизиска корпорација IRIB објави четири фотографии, две претходно на Абу Бакр ал-Багдади и две од тело на маж кој личи на него. Официјална потврда на оваа информација засега нема.

Претходно во јуни руското министерство за одбрана објави дека постојат информации дека лидерот на Исламската држава е можеби убиен во воздушен напад на 28 мај на руската авијација на јужната периферија од сирискиот град Рака. Во овој напад биле убиени речиси 300 џихадисти.

Пентагон, исто така, соопшти дека не располага со потврда на таквите информации.

Претставникот на врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамнеи во специјалните сили на Револуционерната гарда на исламската револуција претходно во четвртокот тврдеше дека тој не се сомнева оти терористот ал-Багдади е мртов.