Иранските служби го коригираа извештајот: се трага по преживеани во авионската несреќа

Спасувачките служби се обидуваат во неделата да се пробијат до остатоците од патничкиот авион кој падна утрото во планинското подрачје на југозападот од Иран во текот на снежна бура, а властите го коригираа претходното соопштение за загинување на сите 66 патници и членови на екипажот, наведувајќи дека тоа со сигурност не може да се потврди.

Откако беше објавено дека погинале сите 66 лица во иранскиот авион од типот „ATR 72“, кој се урнал на летот од Техеран за Јасуџ на југозападот од Иран, околу 500 километри јужно од престолнината, воздухопловната компанија „Aseman Airlines“ ја повлече таа информација , извести иранската новинска агенција Isna во раните попладневни часови во неделата.

„Поради специфичните услови во таа област, сѐ уште немаме пристап до местото на падот и не можеме прецизно и конечно да ја потврдиме смртта на сите патници во авионот“, изјави Мохамад Табатабаи, директор за односи со јавноста на компанијата. Неколку часа порано тој за иранската државна телевизија рече дека нема преживеани во падот во областа на планината Дена, близу градот Семиром.

Сепак, постојат многу мали надежи дека ќе бидат пронајдени преживеани. Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, упати изрази на сочувство за семејствата на патниците и членовите на екипажот.

„Екипите за пребарување и помош се испратени на можното подрачје на падот, но хеликоптерот мораше да се врати поради снежната виулица“, изјавил за агенцијата Isna, Џалал Поранфар, портпарол на државната служба за помош во регионот.

Иранската Црвена полумесечина соопшти дека испратиле 120 спасувачи во областа на несреќата.

Воздухопловната компанија „Aseman Airlines“ е на црната листа на Европската комисија, на којашто се наоѓаат компаниите коишто оперираат со небезбедни авиони, пренесе германската новинска агенција DPA.

Во Иран последните десетина години се случија неколку големи воздухопловни несреќи, во прв ред поради тоа што земјата не можеше да купува нови авиони ниту резервни делови од Западот, поради меѓународните санкции на коишто инсистираа западните земји. Воздухопловната компанија е под американско ембарго од 1995 година и компаниите не можат да купуваат цивилни авиони и резервни делови за постојните, па дел од флотата е приземјен со години.

Откако во 2015 година беше постигнат нуклеарниот договор меѓу Иран и шесте светски сили, со што беа укинати дел од децениските економски санкции, Техеран склучи договори со компаниите „Airbus“ и „Boeing“.