Македонија

ИРИ отслика што мислат граѓаните за работата на ВМРО-ДПМНЕ и безидејноста на СДСМ

ИРИ отслика што мислат граѓаните за работата на ВМРО-ДПМНЕ и безидејноста на СДСМ

Поразителни бројки за најголемата македонска опозициска партија покажува најновата анкета на Републиканскиот институт ИРИ објавена вчера, а спроведена во периодот меѓу 29-ти август и 5-ти септември. СДСМ во свој стил, оваа анкета ја оцени како нерелевантна, иако доаѓа од еден од најрелевантните испитувачи на јавното милсење. Анкетата воедно е слика за тоа што мислат граѓаните за работата на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти безидејноста на СДСМ, сметаат аналитичарите.

Анкетата, спроведена од агенцијата „Брима“ на 1.104 граѓани, покажала дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ужива рејтинг од 29 отсто,а опозицискиот СДСМ има поддршка од 10 отсто. ДУИ, пак, има поддршка од 13 отсто, а ДПА – од 3 отсто од граѓаните. Партиските рејтинзи ги следат и лидерските. Така, најомилен лидер е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Груевски, со поддршка од 22 отсто од анкетираните, лидерот на ДУИ Али Ахмети со 9 проценти, лидерот на СДСМ Зоран Заев – 4 отсто, а Мендух Тачи – 2 отсто.

Дури и аналитичарите и новинарите кои важат за дежурни поддржувачи на опозицијата, не гледаат јасна стратегија во делувањето на најголемата опозицисика партија по непризнавањето на изборните резултати. Според Сашо Ордановски, стратегијата на СДСМ не може да се види јасно и смета дека партијата оди кон пропаст како грчки ПАСОК.

– Стратегијата на СДСМ не може да се види јасно. Тоа е проблем на СДСМ. Нека си дискутираат во СДСМ, нека пропадне, ПАСОК пропадна, па ќе се јави некоја друга партија која ќе превземе. Ќе се види дали СДСМ може или не може, ќе трае тоа колку ќе трае, вели Ордановски.Ако СДСМ се совземе тогаш добро, а доколку не се совземат, ќе се јават нови структури, политички иницијативи и партии, вели Ордановски.

Поранешниот новинар на А1 телевизија Александар Чомовски смета дека СДСМ се забетонира во своја партиска кал која ги меша брзините и приоритетите.

-Во време кога во светот се одигруваат крупни промени, од таа таканаречена државотворна партија ние се обидуваме денеска да добиеме една популистичка варијанта. Измешани се тактичките потези на опозицијата, вели Чомовски.

Тој додава дека Заев е во неповолна ситуација, се обидува да го победи Груевски со “груевизмот“.

– Нема да го победи, затоа што сите полуги на власта, Груевски одлично ги менаџира и тука не можете да заборавите дека се уште на оваа власт и стојат финансиски ресурси, кои знае во овој момент да ги употреби за нов бран на економски развој, вели Чомовски.

Уште еден поддржувач на опозицијата, уредникот на весникот „Вест“ Горан Михајловски не се согласува со стратегијата на Заев. Михајловски во својата колумна остро го критикува Заев за неговото гостување на Алсат-М телевизија. Според Михајловски фрустрирачки е тоа што од гостувањето на Заев не можело да се извади ниту една вест, односно цел саат зборувал, но ништо не кажал.

-Знаете ли колку е фрустрирачко кога лидер на опозиција има интервју, а ти не можеш ни една вест да извлечеш? Се чудам како можеше да зборува цел саат, а ништо да не каже. “Ќе има бурна есен, ќе правам ова, ќе правам она…” Како бе, Заев? Прави што сакаш, ама кажи како? Жално е на самото интервју да се жалиш дека немаш пристап до медиуми, а кога ќе добиеш цел саат да немаш да исфрлиш две-три бомби што ќе се раскажуваат цела недела. Плус, и на телевизија на која можеше да им се обрати и на Албанците, оти СДСМ нема албански партнер, пишува Михајловски.

Михајловски додава дека минатата недела Љубе Бошкоски испратил посилни политички пораки од судница отколку лидерот на опозицијата на телевизија

-. И на крај, кога Заев го прашаа кога очекува нови избори, а тој предвиде дека тоа ќе биде во 2015 година, рече дека “и да не победиме, јас ќе останам да работам за Македонија”. Со ваков победнички дух, ич не му треба да работи, пишува Михајловски.

Според познавачите, токму критиките испратени до Заев од поддржувачите на опозицијата ја откриваат суштинската причина за катастрофалниот рејтинг на СДСМ и лидерот на партијата, нотирани во најновата анкета на ИРИ. Дури 72 отсто од испитаниците во анкетата на ИРИ одговориле дека немало притисок на одржаните избори. Наспроти ова, СДСМ излезе со соопштение дека анкетата на овој институт е нерелевантна, поради тоа што граѓаните не можеле слободно да ја изразат својата волја на избори.

Доцент д-р Иванка Додовска од Правниот факултет смета дека анкетата на ИРИ уште еднаш ја потврдува реалната слика за политичката сцена во Република Македонија.

-Разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ искажана во процентите на три пати поголемиот рејтинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кажува две работи: за реформските чекори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ наспроти нејасниот и недефиниран партиско-политички концепт на СДСМ. Анкетата на ИРИ има и уште една, според мене, мошне важна порака, а истата ја гледаме во процентуалниот сооднос на силите со кои наједноставно се нуди одговорот на опозицијата во врска со бесмисленоста на вештачки создадената парламентарна криза и нивното негирање на изборните резултати од предвремените парламентарни избори, оваа пролет, вели Додовска.

Таа додава дека овој реномиран институт во минатото изгради висок углед и оттаму аргументите кои ги нуди ова нивно последно истражување говорат самите од себе т.е. истите укажуваат на катастрофално лошата политичка проценка на раководството на СДСМ како и за беспредметното задржување на опозицискиот врв од страната на некомпетентното и крајно неефикасното раководство предводено од Зоран Заев и неговите соработници.