Ураганот Ирма, кој во саботата ја погоди Куба и се движи кон Флорида, усмртил најмалку шест лица на британските прекуморски територии каде населението се подготвува за налет на новиот циклон Хозе, а според досега собраните податоци Ирма усмртила најмалку 25 луѓе на Карибите.
„Потврдена е смртта на пет лица на Британските девствени острови“, објави локалната власт во порака до агенцијата AFP.
„Населението треба да пронајде засолниште најдоцна денеска попладне бидејќи се очекува доаѓање на ураганот Хозе кој би требало да предизвика метеоролошки услови на тропска бура“, соопшти локалната влада.
Во текстот се напомнува дека се соочува со безбедносни тешкотии, а станува збор за грабежи, па властите вовеле полициски час кој е на сила од 18 часот навечер до 6 часот наутро.
„Ирма однела уште еден живот на архипелагот Ангвила, а станува збор за повозрасен човек кој загинал при уривање на неговата куќа“, изјавила телефонски за AFP Шери Брукс од локалната полиција.
„Ирма е најлошиот ураган со кој сум се сретнала“, рекла Бруск додавајќи дека „се обидуваме да расчистиме најмногу што можеме, бидејќи за неколку часа пристигнува Хозе“.
Агенцијата наведува дека ураганот Ирма, според податоците на владите на карипските земји низ кои мина, досега усмртил 25 луѓе, и тоа десет на француските острови Свети Мартин и Свети Бароломеј, шест на британските прекуморски територии, четири на Американските Девствени острови, две во Портпроко и две на холандскиот дел од островот Свет Мартин, и едно лица на Барбуда.