Македонија

Иса Мустафа: Немаме точни информации што се случи во Куманово

Иса Мустафа: Немаме точни информации што се случи во Куманово

Косовската тајна служба немала никакви информации, за терористички напад во Куманово кој го организираше екстремистичката група предводена од Мирсад Надрецај, алијас командант НАТО. Ова го тврди премиерот на Косово, Иса Мустафа, во интервју за косовската „Газета експрес“, објави ТВ „Алфа“.

– Не, не сме информирани. Не знам што се случи во Куманово, немаме точни информации. Ги знам само последиците. Врски меѓу владата и агенцијата секогаш постојат. Тие ја направија својата работа но тешко е луѓето да се следат индивидуално – вели Иса Мустафа премиер на Косово.
Дека косовската полиција и тајна служба немале никакви информации за можен напад на Куманово, освен косовскиот премиер, тврдеше и тамошното обвинителство, кое пред 10 дена излезе со информација дека уште пред нападите во Куманово, се водела истрага за терористичката група поради сомнеж за кривични дела и напади на територија на Косово но не и за можни напади во Македонија.

Покрај официјалните ставови на косовските власти и тамошните истражни органи,  на три дена по терористичкиот напад во Куманово, некои косовски медиуми, започнаа со серија информации со цел да ја дискредитира македонската разузнавачка агентура или во најмала рака да спречат да делува на Косово кон таргети поврзани со криминал или тероризам.
Повикувајќи се на анонимни извори во  косовската агенција за разузнавање како и полицијата на Косово, се објавуваа информации дека агенти на УБК и Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, се среќавале со  терористите  на територија на Косово, на кои им давале инструкции и пари за нивно учество во како што го нарекоа „контролиран“ конфликт во Македонија.