Исчезна принцезата на Дубаи

Меѓународната организација за заштита на човековите права Human Rights Watch (HRW) ги повика властите на Дубаи да откријат каде се наоѓа принцезата шеика Латифа, пишува во саботата BBC.

Се верува дека ќерката на владетелот на Дубаи во март се обидела да побегне во странство за да живее послободно отколку во татковината. Меѓутоа, очевидци велат дека луксузната јахта сои којашто патувал била запрена крај индискиот брег и дека принцезата е вратена дома. Од тогаш не е видена во јавноста.

Властите на овој емират во Персискиот залив истакнуваат дека поради правни причини не можат да ги коментираат овие медиумски наводи.

Принцезата Латифа, ќерка на шеикот Могамед бин Рашид ал-Мактум, била грабната додека се обидувала да побегне од земјата, истакнуваат од HWR. Британскиот јавен сервис BBC пишува дека во тоа ѝ помагале француски шпион и инструктор за боречки вештини од Финска.

Организацијата за човекови права соопшти во саботата дека властите мора да откријат каде се наоѓа принцезата и да го објаснат нејзиниот статус.

„Ако не бидат откриени нејзината локација и статусот, би можело да станува збор за насилно исчезнување. Шеиката Латифа, која на пријателите им кажала дека сака да побегне од ограничувањата којашто ѝ ги наметнало семејството, не е видена два месеца, предизвикувајќи загриженост за нејзината безбедност и состојба“, посочуваат од HRW.

Во организацијата чиешто седиште е во Лондон велат дека принцезата Латифа била запрена на 4-ти март, на околу 80 километри од индискиот брег. Властите на Дубаи за BBC коментирале дека ова го тврдат луѓе со криминално досие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.