Исчезна девојката на Борис Немцов

Украинскиот претседател Петро Порошенко е еден од четворицата што знаат што се случило со 24-годишната Ана Дурицкаја, девојката и единствен сведок на убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов.

По повеќе од еден месец од убиството наопозиционерот, од неговата девојка Дурицкаја нема ни трага ни глас. Иако полицијата веднаш ја задржа како единствен сведок на злосторството, нејзе ѝ беше дозволено да отпатува за Украина откако на истражителите им рекла дека „не видела ништо“.

Новинар на италијанскиот „Кориера дела сера“ отишол во градот Била Церква, родното место на Дурицкаја, на околу 80 километри од Киев за да открие дали, можеби, девојката е шпионка. Ја побарал во станот на седмиот кат од зградата на улицата Декабриста. Очекувал да наиде на обезбедување бидејќи слушнал дека девојката е под заштита, но наишол на празни скали со мирис на зелка. Вратата од евентуалниот стан на Дурицкаја му ја отворила друга девојка.

– Адресата е лажна. Читав за тоа во весниците, но јас сум овде пет години и тука таа никогаш не живеела. До пред некој месец тука доаѓаше да преспие некој војник. Не знам кој беше. Тој сигурно не беше манекенка – вели девојката со насмевка.

Според украинскиот „Киев пост“ претседателот Порошенко е единствениот покрај премиерот, министерот за полиција и шефот на тајната служба што знае каде е Дурицкаја. Но, не исчезнала само таа без траг. Нејзината мајка, медицинска сестра во локална болница, пријавила дека поради болест не може да дојде на работа и оттогаш никој је на видел. Нејзиниот брат Богдан бил отпишан од гимназијата откако директорот на училиштето имал телефонски повик од министерството за образование од Киев.