Исчезнале 26 кутии со 2.349 примероци на смртоносниот САРС

Пред неколку недели од францускиот институт “Луј Пастер” исчезнале 26 кутии со 2.349 примероци од смртоносниот вирус САРС.

Исчезнувањето било откриено сосема случајно за време на рутинска проверка на содржината.

“Не постои опасност по здравјето на луѓето, бидејќи исчезнатите примероци немале инфективен потенцијал”, смируваат од Институтот. Експертите отфрлаат било каква можност за злоупотреба на примероците бидејќи ниту еден од нив не го содржел комплетниот вирус туку само неговите фрагменти.

“Загубата на примероците е неприфатлива грешка. Поради тоа донесовме одлука да ја информираме јавноста. За сега веруваме дека станува збор за човечка грешка, но не ги исклучуваме и другите можности”, изјавил претседателот на институтот Кристијан Брешо.

САРС е заразен вирус и може да се шири како грип или настинка. Тој е одговорен за смртта на повеќе од 800 лица од почетокот на 2003-та година.