Исчезнатиот авион останува мистерија

Шефот на малезиското цивилно воздухопловство вели дека случајот со исчезнатиот авион МХ370, со 239 лица, е вистинска мистерија без преседан, јавува Би-Би-Си.

Азарудин Абдул Раман вели дека властите во Малезија не ја исклучуваат можност за киднапирање на авионот со оглед на тоа дека тој едноставно исчезнал од радарот. Тој додал и дека се уште не е потврддено дека она што е пронајдено во Виетнамското море е од исчезнатиот авион.

За потсетување, авионот на „Малезија ерлајнс“ исчезна од радарот пред речиси три дена на релација од Куала Лумпур кон Пекинг, додека на него имало 239 луѓе. На семејствата и роднините на патниците им е кажано да се подготват за најлошото.

Во потрага по исчезнатиот авион учествуваат 40 бродови и 34 авиони од девет различни држави кои се понудија да помогнат.

За сега постојат две теории за тоа што се случило со авионот. Новинската агенција Ројтерс претходно објави неофицијални сознанија дека фокусот на летот МХ370 се насочува кон можност дека авионот се распаднал за време на летот.

„Фактот дека не сме пронашле никакви остатоци од авионот упатуваат на тоа дека леталото можеби се распаднало на висина од околу 10 километри“, вели за Ројтерс извор близок до истрагата.

Се шпекулираше и за можноста од терористички напад со оглед на фактот дека на летот имало повеќе лица со украдени пасоши, поради што во истрагата се вклучи и Интерпол.