Исчезнатите лондонски тинејџерки и се приклучиле на ИД

Трите британски тинејџерки по кои се трагаше неколку дена откако беа прогласени за исчезнати, најверојатно побегнале од дома за да им се приклучат на џихадистите од групата Исламска држава (ИД) во Сирија, соопшти синоќа лондонската Метрополитен полиција.

Младите девојки уште пред четири или пет дена тајно заминале за Турција, а од каде потоа најверојатно веќе се префрлиле на сириска територија.

Сите три се ученички во средно училиште во лондонската општина Бетнал Грин, каде живее голема муслиманска заедница и каде мозинството од населението се имигранти или нивни помоци.

Две од побегнатите девојки, Шамима Бегум и Амира Абасе, имаат по 15 години, додека третата тинејџерка, Кариза Султана, е 16 годишна.

Во нивното училиште тие важеле за одлични ученички, а директорот на училишето тврди дека во ниту еден момент не оставале впечаток на радикализирани припаднички на муслиманската заедница.

Од истото лондонско училиште во декември минатата година во Сирија побегна уште една ученичка.

Лондонската полиција засега знае дека трите тинејџерки заминале за Истанбул на 17 февруари, откако ги излажале своите родители дека заедно ќе отсуствуваат од дома еден ден. Полицијата верува дека тие повеќе не се на турска територија, иако британски полициајци заминале за Турција во потрага по девојките.

Сириски извори за Метрополитен полцијата рекле дека три млади девојки, за кои се знаело дека се Британки, ја минале турско-сириската граница кај преминот Килис во реонот на сирсикиот град Алепо, придружувани од шверцери на луѓе.

Безбедносни експерти во Лондон тврдат дека британските или турските власти повеќе ништо не можат да направат и дека трите тинејџерки се „загубени“ некаде во Сирија.

Некои британски медиуми го критикуваа однесувањето на полицијата, обвинувајќи ја дека задоцнила со истрагата и со барањето до турските власти да трагаат по девојките додека се уште биле во Турција.