Исчистени пешачки патеки и зеленило на „Александар Македонски“

Градот Скопје, Општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна денеска организираа голема акција за чистење и уредување на јавните пешачки и зелени површини по должината на булеварот Александар Македонски, на потегот од крстосницата на овој булевар со улицата 16. Македонска бригада до клучката кај хотелот „Континентал“, како и во кругот на факултетскиот кампус.

Акцијата за чистење се организира по повод 22. aприл – Денот на планетата Земја, а како дел од проектот „Градиме здрава, зелена и безбедна иднина“.

Во рамките на оваа акција, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги кроеја и кастреа гранките на дрвјата по должината на булеварот Александар Македонски, ја косеа тревата и ги уредуваа зелените површини. Работниците на ЈП „Комунална хигиена“, пак, го отстранија сметот, ги исчистија пешачките патеки и го измија коловозот.

2

– Заедно со Град Скопје и Земјоделскиот факултет ја организиравме оваа акција за чистење и уредување на зелените површини на булеварот Александар Македонски и дворот на факултетскиот кампус по повод  22 Април – Денот на планетата Земја и воедно  сакаме да ги мотививираме граѓаните да се грижат за околината во која живеат – изјави градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски.

3

Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Драги Димитриевски, денеска изрази задоволство што во оваа акција се вклучени голем број студенти од неговиот факултет, кој во дворот на  нивниот факултет засадија цвеќиња и чемпреси.

Олга Најденовска, доктор по земјоделски науки, пратеник и претседател на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието на Република Македонија, истакна дека Денот на планетата Земја се одбележува од 1970 година со цел сите нејзини жители на сфатат дека се дел од природата и дека мора да ја чуваат за да можат во неа да уживаат и нивните поколенија.