Иселувањето на Косовците не стивнува

Заминувањето од Косово на албански жители не стивнува иако на адмнистративниот премин Мердаре сега е оневозможен премин на автобуси со имигранти, кои преку Србија заминуваат за Унгарија, пренесува МИА.

Според приштински медиуми синоќа голем број луѓе воглавно со приватни автомобили заминале кон преминот Врмици со Албанија и потоа се упатиле кон Црна Гора, од каде ќе се обидат да заминат во некоја држава од Европската унија.

Лицата кои синоќа го напуштиле Косово воглавно користеле приватни автомобили со цел да ја избегнат ситуацијата да бидат спречени да го напуштат Косово доколку заминеле до автобус, наведуваат медиумите.

– На кој било начин ќе се обидам да не останам на Косово. Не може да се живее без работа. Тука нема надеж за живот, вели еден од имигрантите, кои синоќа со семејството од Косово се упатил кон Албанија.

– Зголемен е бројот на граѓани кои преминуваат во Албанија. Тие велат дека одат на забава, но веќе не се враќаат, вели извор од царината на Косово за приштински медиуми.

Весникот на албански јазик „Блиц“ наведува дека бројот на заминати од подрачјето на Призрен и натаму не се знае, но во училиштата во тој регион голем број ученици веќе не одат на настава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.