Ишарет

Пусто турско е зад нас, ама не сум баш сигурен… нешто од пустотурското исчурело, но нешто заглавило длабоко во нас и станало резистентно. Засекогаш сраснато.

Како навиката едно да се збори, а друго да се прави. Да се пуштаат ишарети.

Овде абери и ишарети има толку што пот те облива од напор само да ги изброиш. А кога ги има толку многу – девалвираат, им паѓа пазарната и употребна вредност. Толку многу гласини и муабети што почнуваме да збориме со мимики, со ишарети. Зборот се обезвредил до мерка кога нема корист од него.

Но сепак, за некои абери вреди да се издвојат и потенцираат.
Како и пред секои избори, барем седум-осум години по ред, СДСМ излегува со едни те исти муабети за Латас, Сашо Мијалков и Никола Груевски. Нема нови теми. Латас заработувал многу, ама никаде нема дека имал допир до јавни и државни пари… ете, заработувал, манипулирал со фактите, возел џип… Сашо Мијалков имал фирми во Чешка и Швајцарија… никој, никогаш не кажа, ако имал навистина такви фирми, дали својата функција ја употребувал за профит на фирмите… таква изјава нема. Груевски стандардно. Од становите на неговата мајка, преку објектите и улиците што ги градел а, според СДСМ, не требало тоа да се гради… до тоа дека замижувал пред активностите на Латас и Мијалков кои, активности, ниту еднаш не се посочени како незаконски или сомнителни.

Бидејќи не сум имал никаков контакт со јавни пари и привилегии, не гледам што има Груевски да се грижи за мене. Ни брат, ни газда ми е, ниту сум заработил нешто од негова функција и јавни пари со кои располага, ниту пак се дружам по одмори и кафани за да знае воопшто каде одам, што правам и кои ми се проблемите и потребите. За старател да имам, доцна ми е.

Да се вратиме на аберите и ишаретите. Исти од пред десет години, кога се погоди да имам ист став со Мијалков и Груевски против територијалната поделба на Црвенковски, по што Скопје, Струга, Кичево, Куманово… станаа дел од албанската агенда.

Годинава, за абер ефенди го избраа Петре Шилегов. Поранешните аберџии се на принуден одмор. Шекеринска е излитена, Заев ни самиот не знае главата каде му е, на Бранко око не му трепнуе за тренутно стање, и чека разврска на конгрес после изборниот пораз на СДСМ… абер чираците кои последниве години беа телали на партијата за вакви ситуации, како Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев, Ана Данева, Минчев, Макрадули… се во длабока илегала. Аберите против Мијалков, Латас… не им ја спасија кариерата.

Значи, за сезонава зима-пролет 2014 година модел на абер чирак за потреби на СДСМ е Петре Шилегов. Една врста партиска сирена. Пола риба, пола девојка. До два попладне е адвокат, а од три е портпарол. Ако СДСМ победи на избори пак ќе биде шеф на второстепена комисија за јавни набавки. Точно знае, како правник, каде е местото на кое се одлучува за јавни набавки, процес кој од пусто турско до ден-денес значи најкраток пат до кеш. И тоа позамашен кеш.
Петре Ш., лице првостепено осудено за клевета и лажење – деновиве е документиран дека сработел милиони евра од јавни набавки во корист на фирми блиски до СДСМ, а на штета на другите фирми чии жалби ладно ги одбивал… од партиските конкуренти е промовиран како човек за кој им длабоко сомневање дека како шеф на второстепена комисија за јавни набавки заглавил во корупција. Длабоко.

Тие сомневања се поткрепени со неговата имотна состојба, имот од околу пола милион евра, за кој нема презентиран валиден доказ дека ги заработил, пријавил и за тоа платил данок. Значи, стандардно. Петре ги прозивал другите за дела кои самиот ги направил, а му тежеле на душата. Правило: додека се збори за нив, тој е сигурен.

Е па, Бране брате, мењај го овој. Петре Ш. ти е потрошена роба. Дечкото заглавил до гуша, и секој нареден трзај му е само тонење подлабоко. Плус, има и висок притисок.
Петре е сега смешен лик, евтин фолирант, како пејач на плејбек на кој му го исклучиле појачалото и се копрца со фалширањето пред забезекната публика.
Никој не го слуша. Во иднина ќе мора да комуницира со ишарети.

За разлика од Петре, Мендух Тачи беше чуен и шокантно прецизен.
ДУИ на овие избори ги разигра сите средства со кои располага: полиција, кеш, подземје, гласини, емиграција… а и радикалните не се исклучени… да ја уништи партијата на Мендух Тачи, и да останат сами на политичката сцена северозападно од Скопје. Целта им е да немаат опозиција, и македонските Албанци да преминат во едноумие. Како во времето на Енвер Хоџа: еден Енвер, една партија, една политика. Еден Али…

Али Ахмети прати дури десет емисари на ДУИ во Америка да работат на анимација на тамошните македонски Албанци, да гласаат за него. Тој еден пратеник од САД да биде нивни. Да го порази и Мендух Тачи, но и Груевски. Европскиот емигрантски пратеник што следи по клуч, веќе го запишале кај себе. Значи, на изборите ДУИ стартува со двајца.

Со таква игра, Али Ахмети праќа порака, ишарет, дека по изборите приоритет му е да соработува со СДСМ. Заев и Шекеринска да му бидат партнери. Ако може да бира…

Не дозволува повик Македонците да гласаат за Груевски, кога веќе победува, и да му обезбедат над 62 пратеници, за да не може Али Ахмети и Атина да условуваат. Ќе запнел да го уништи тотално Мендух Тачи како политичка алтернатива, и потоа да биде прогласен за нов Енвер Хоџа – една партија, еден лидер, една политика. Еден Али.

Но и Тачи е мајчин. Не е бадијала ученик и наследник на Арбен Џафери, формат на политичар за кој Али Ахмети, но и некои македонски политичари, се се уште неуки деца.
Тачи се појави на прес, и оствари најубедлив настап во овие предизборни денови.
Изјави, а не беше демантиран, дека Црвенковски му нудел влез во идната власт ако помогне во насилно уривање на владата. Од улица, во декември пред две години.

Тоа е најсериозна, и најзначајна политичка информација и изјава не само деновиве, туку и последниве неколку години. Тоа е доказ за обид СДСМ да ја земе власта без избори. Противуставно, и насилно. Патем, и со употреба на етнички тензии.

Ако се знае, а се знае, блискоста на ДУИ и тимот на Али Ахмети со Атина… серија состаноци, договарања и трговии со Грците… па се стави тоа во комбинација со изјавите, политиките и однесувањето на Црвенковски и Заев во полза на грчките интереси… тогаш најавата на Али Ахмети дека ќе се тресе Македонија ако не го прифатиме брзо грчкиот ултиматум, има сосема логична содржина, цели и намери. Ишаретот е виден.

Па ако не за друго, само заради ова секој што себе се смета за Македонец треба на Груевски, на овие избори, да му даде поддршка за мнозинство во Собранието.

Тачи објави и СМС-пораки кои Заев му ги праќал за да измоли средба со него, и обезбеди соработка за себе и СДСМ. Тоа е такво лупање од земја на Заев и СДСМ што мислам дека се уште им се врти во глава. И ќе трпат вртоглавица уште долго.

На месец дена пред изборите, мене совеста ми е чиста. Ќе гласам за Македонија. Онаа Македонија што не зависи од диктатот на Атина и Али Ахмети.

Да не зборам со ишарети. Да кажам јасно и конкретно.
Не мислам дека работата на оваа влада била совршена. Не била. Но, главните работи, и тоа речиси сите, се стокмени во интерес на Македонија. После се што видовме, особено последниве денови, не гледам ниту една причина за да мислам поинаку.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер